Светско лицемерие: Ако убиеш илјадници деца нема проблем, но ако им ја нападнеш нафтата...

Точка

17/09/2019

22:51

7.472

Големина на фонт

а а а

Неодамна јеменските Хути бунтовници изведоа напади со дронови на најголемите нафтени постројки во Саудиска Арабија.

Нападот резултираше со уништување на две големи постројки кои го преполовија производството на саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ за половина, светското производство на нафта се намали за 5%, а цената на нафтата нагло скокна.

Постројките кои што слеваат милијарди долари во државната каса на Саудиска Арабија можеби привремено престанаа да работат, но затоа следуваше жестока реакција од Ријад, но и сојузниците на Саудиска Арабија, првенствено САД. Американскиот претседател дури и се закани со воена одмазда, а сите го вперија прстот во Иран поради блиските односи на Техеран со Хути бунтовниците.


„Саудиските нафтени извори се нападнати. Постојат причини поради кои веруваме дека знаеме кој е виновникот. Спремни сме за реакција во зависност од верификацијата, но чекаме од Саудијците да ни кажат кој го извел нападот и под кои услови ќе продолжиме понатаму“, порача Трамп.

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин ги советуваше своите пријатели од Ријад да ги набават руските против-воздушни ракетни системи за најдобро да ги заштитат своите нафтени постројки.

Но, што е со заштитата на цивилите во војната во Јемен која против Хути бунтовниците ја води коалицијата на арапски земји предводена од Судиска Арабија? Војната во Јемен беснее веќе пет години и ја предизвика една од најголемите хуманитарни кризи во светот, меѓутоа светските лидери воопшто не го свртија погледот кон оваа земја.


„Јеменскиот народ го исполни своето легитимно право да се брани. Нападите беа реципрочен одговор на повеќегодишната агресија на Јемен“, изјави иранскиот лидер Хасан Рохани после нападите на нафтените постројки во Саудиска Арабија.

Додека светот го зафати хистерија од порастот на цената на нафтата поради краткотрајниот прекин на производството на нафта на Саудиска Арабија, следниве податоци на Обединетите нации во најмала рака ќе ве шокираат.

Во војната во Јемен, во која се вклучи Саудиска Арабија откако Хути бунтовниците го симнаа од власт тамошниот претседател, веќе загинаа десетици илјади луѓе.


Уште поужасен е податокот дека дури 7,508 деца се убиени или тешко повредени (инвалидитет) како последица на воздушните напади на коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Покрај тоа што ги убиваат, децата во Јемен се регрутирани од сите страни, а според податоците на Обединетите нации, верувале или не, во воздушните напади биле бомбардирани над 380 училишта, од кои 345 биле целосно уништени.

Една од најголемите светски организации за заштита на децата „Спасете ги децата“ минатата година во својот извештај откри дека околу 85 илјади деца под 5-годишна возраст починале како последица на акутна неухранетост. Се проценува дека и ден денес 8 милиони деца имаат ограничен пристап до вода за пиење, а над 2 милиони и натаму се неухранети.

Војната во Јемен и натаму трае, милиони деца и возрасни се без храна и вода за пиење, од колера беа погодени 1,2 милиони, а повеќе од половина од населението на оваа земја која има популација од речиси 30 милиони жители е раселено. Но, целиот свет е на нозе поради саудиската нафта.