Анѓела Јакимовска после изборот за Мис во Кина: Како да отслужив војска

Точка

06/08/2019

11:19

6.581

Големина на фонт

а а а

„Поминав часови на аеродром сосема сама на друг континент, а откако бев пронајдена од страна одговорните, веднаш бев пратена да настапам на ревија во национален костум. Сета козметика, накит, чевли ми беа во куферот, а за среќа само националниот костум го носев во чантата“ - раскажува Анѓела Јакимовска нашата претставничка на изборот за Мис во Ченгду, Кина. Учествувале претставнички од 50 земји, а изборот се одржувал од 18-ти до 28-ми јули.

Како ги претставувавте матичните земји?

- Финалната вечер на секој избор за убавина се состои од неколку излегувања на сцена односно првото излегување е настап на моделите облечени во национални костуми, потоа во бикини и на крајот настапуваме облечени во вечерни тоалети. Националниот костум игра најголема улога во претставувањето на државата. На овој избор за мис националниот костим беше дизајн на мојата мајка, а во изработката и дизајнот земав учество и јас. Секогаш нашите т.е македонските национални костуми се со дизајн каде што доминираат парички кои вршат регрес во минатото кога Македонија била под турско ропство. Сакајќи да вметнам нешто ново и интересно добив идеја да го употребиме пердувот како елемент, кој асоцира на кокошката односно е метафора за Велигден. Без оглед на тоа што низ годините границите на нашата земја се изместиле, од историјата знаеме дека Лидија е првата македонка воедно и првата личност во Европа која го примила христијанството, па сметав дека христијанството, те Велигден, почетокот на нов живот е исто така симбол за нашата земја. Исто така таму секојдевно се организираат и коктел забави кадешто секоја натпреварувачка држи говор зборувајќи за себе и својата земја, а исто така се делат и традиционални подароци на гостите. На пример оваа година имаше аукција за изложените традиционални подароци, а парите беа искористени за хуманитарни цели.

Имаше ли слободно време и како го користеше?

- Генерално во Кина работата се става на прво место, така што слободното време таму ми беше непознат поим. Можеби имавме час до два слободно време коешто го користевме за спиење и подготовка за следните активности.

Какво искуство е за тебе посетата на оваа земја?

- Првиот впечаток ми беше дека Кинезите се зависници од работа, а вториот впечаток ми беше дека тоа се луѓе коишто сакаат се да фотографираат. Од Кинезите научив многу за благодарноста, како едно од првите правила за психа и за здраво функционирање во секојдневието. Јас ја осознавав Кина преку градот Ченгду, односно градот на пандите, екстремно зачинетата храна и неверојатна природа.

Што видовте од нивните знаменитости?

- Од знаменитости ја посетивме Зелената Градина како и стариот дел во градот, но генерално посетувавме многу ресторани коишто беа спонзори за настанот. Посетивме и циркуз, каде што од близу ни беше претставена кинеската култура почнувајќи од колоритни змејови, луѓе кои одат по јаже, луѓе кои ракуваат и консумираат огнени елементи, скокаат во воздух и слично. Исто така се возевме во чамец, храневме животни, шетавме низ одредени локации каде што дегустиравме оригинален традиционален кинески чај и гледавме луѓе како го приготвуваат истиот. Тоа беа денови кои што верувам дека сите учеснички долго време ќе ги паметат.

Што ти остана во сеќавање?

- После овој избор за Мис јас се чувствував како да отслужив војска, па затоа Кина ќе ја паметам по строга дисциплина и принципиелност, но исто така ќе ја паметам и по многу дружба и стекнати нови пријателства ширум целиот свет. Уживав во фотосесиите и ревиите, но најзабавни ми беа пробите каде што ја вежбавме кореографијата потребна за финалната вечер смислена од танчерски тим кој доаѓаше од Малезија. За време на пробите се почувствува потребата од кохезија на една група бидејќи сите останувавме будни до раните утрински часови да вежбаме се дури не танцуваме усогласено и ритмички точно.

Интересни случки?

- Патот до Кина беше многу интересен кога после три променети летови на аеродром дознав дека куферот ми го нема, а таму сите социјални мрежи се блокирани од страна на владата почнувајќи од Фејсбук, Инстаграм до Вибер во тој момент јас немав кому да се јавам. Поминав часови на аеродром сосема сама на друг континент, а откако бев пронајдена од страна одговорните веднаш бев пратена да настапам на ревија во национален костум. Сета козметика, накит, чевли ми беа во куферот, а за среќа само националниот костум го носев во чантата. Кинезите се луѓе кои не прифаќаат жалби и поплаки, како што веќе споменав погоре за нив работата е смислата на животот. Тој ден јас немав избор, па во конкуренција со 50 земји од целиот свет решив без шминка да се натпреварувам со својот идентитет бидејќи тоа е единственото нешто што не можат да ви го одземат.


Кои го сочинуваа жирито и исходот од изборот?

- Во жири комисија беше претседателката на организацијата, потоа фотограф од Филипините, модна агенција и фотограф од Милано како и истакнати личности од Кина.


(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг