Борис Џонсон има потекло од кај нас, тврдат жителите на турското село Калфат

Макфакс

24/07/2019

12:49

1.800

Големина на фонт

а а а

Жителите на турското село Калфат тврдат дека новиот британски премиер, Борис Џонсон, има потекло од ова место во Анадолија, лоцирано на околу стотина километри од Анкара.

„Тој е голема гордост за нас. За нас, тој е Турчин од Калфат и секогаш ќе го сметаме за еден од нас“, вели 65-годишниот Сатилмис Каратекин, кој тврди дека е далечен роднина на Џонсон.

Тврдењата на жителите се засноваат на надгробни споменици на гробиштата што се наоѓаат на периферијата од селото, каде што се среќаваат многу презимиња кои имаат корен во зборот „сари“, кој се однесува на Турци со посветол тен.

Од видливите остатоци од гробовите на предците на Борис Џонсон, постојат само неколку надгробни споменици.

„Некогаш имаше многу луѓе со светла коса, но тие или умреле или едноставно се преселиле“, вели еден од жителите.

За турските корени на Борис Џонсон почна да зборува набрзо откако тој стана градоначалник на Лондон, кога еден документарец тргнал во потрага по неговата семејна линија, пишува „Национал“.

Според извештаите, пред четири генерации, наводниот предок на новиот премиер на Велика Британија, Хаџи Ахмет Риза Ефенди, бил успешен трговец кој се преселил од Калфат во Истанбул во доцните 1800-ти.

Неговиот син Али Кемал, за кого се верува дека бил прадедо на Борис Џонсон, бил роден во османлиската престолнина, пишуваат турските медиуми. Тој започнал да воспоставува меѓународни врски како новинар, дипломат односно министер во владата на последниот султан.

Потоа се школувал во Европа каде што ја запознал Винифред Брун, од англиско-швајцарско потекло, со која се оженил во Лондон во 1903 година.

Шест години подоцна наводно бил роден дедото на Борис Џонсон, Осман Вилфред Кемал, кој подоцна го зел презимето на својата баба, Џонсон.

Тој израснал во југозападна Англија, каде што таткото на Борис Џонсон, Стенли, бил роден во 1940 година.



Спонзорирани линкови

Маркетинг