Македонски туристи за Велигден оставени на улица во Кападокија – Агенцијата ја обвинија за измама

Точка

27/04/2019

22:54

13.267

Големина на фонт

а а а

12 македонски државјани од Виница, Скопје, Прилеп и Стурмица биле оставени на улица среде Кападокија, Турција, откако уплатиле по 600 евра од човек за велигденска тура со балони во оваа светска туристичка дестинација.

Од Министерствто за надворешни работи изјавија за Телевизија 24 дека од дипломатско-конзуларното претставништво во Република Турција се постојано во контакт со македонските туристи. Бил остварен контакт со хотелот каде што биле сместени нашите туристи и биле замолени да им излезат во пресрет и да им помогнат со нивниот понатамошен престој. Исто така платени се и нивните авио-билети, иако стравуваа дека тоа не е направено од туристичката агенција.

Инаку претходно македонските туристи по само една преспиена вечер биле известени од одговорните лица во хотелот дека за нив се уплатени средства само за еден ден, иако турата требала да трае четири дена. Зоран Ефремов, претставник на измамените туристи, изјави дека аранжманот бил во организација на туристичката агенција „Орфеј“.


Според него, газдата на „Орфеј“ најпрво им одговарал на телефонските повици, но по извесно време тој го исклучил својот моблилен телефон по што бил недостапен за патниците. 

По неколку обиди од ТВ24 успеале да стапат во контакт со сопственикот на агенцијата „Орфеј“, извесен Роберт, чие презиме не сакал да го каже, при што изјавил дека не е точно дека туристите биле оставени на улица и дека поради гром кој удрил во зграда во центарот на Скопје, паднал и системот, па не можеле да извршат уплата во хотелот. Од друга страна македонските туристи ја обвинуваат агенцијата дека се измамени.


Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека доставиле предлог до Министерството за економија за одземање на лиценцата на туристичката агенција „Орфеј“.

За овој настан реагираше и министерот за економија Крешник Бектеши кој изјави дека доколку се утврди дека македонски државјани останале на улица, на агенцијата „Орфеј“ ќе и биде одземена лиценцата.

„Ако ДПИ утврди дека тоа навистина се случило веднаш ќе формирам Комисија и јас ќе им ја одземам лиценцата. Македонските граѓани веднаш по враќањето во земјава треба да достават претставка до пазарната инспекција. Потоа според постапката ДПИ треба да направи инспекциски надзор и да констатира дека Агенцијата не го исполнила договореното. Дури потоа ДПИ ќе го извести Министерството за економија кое издава и одзема лиценци на туристичките агенции.“ - изјави Бектеши.




Спонзорирани линкови

Маркетинг