Татјана Алексиќ: Дојде време кога криминалците со „бели јаки" добиваат на вредност

Точка

17/04/2019

21:54

10.760

Големина на фонт

а а а

„Дојде некое иронично време на испревртени вредности, никогаш повеќе не сме се интересирале и внимавале на здравјето, а сѐ потешко го одржуваме. Никогаш покомфорни и покомотни услови за живот, модернизација во сите сфери, а сѐ потажни, понервозни, поболни и духовно посиромашни. Каков цинизам, имаш сѐ, а не чувствуваш задоволство“- вели професорката Татјана Алексиќ во интеревју за Точка.

Поводот за разговор е тоа што голем број луѓе во последниве години се иселуваат од државава не од финансиски причини, туку како што велат не им е сеедно во какво општество ќе им растат децата. А има и такви кои се во дилема, дали да го воспитуваат детето како што тие биле воспитувани, или против својот разум, да го воспитуваат онака како би можело најдобро да се снајде во денешниов систем на вредности. Па, тука се наметнува прашањето: Што им нуди општеството на денешните деца?


Конфучие вели здрава личност, здраво семејство, здраво општество. Има ли услови во нашето општество детето да се развива во здрава личност?   

 - Секако дека има, имало и многу полоши услови, па се изродиле и исчувале здрави генерации. Кога учениците ги читаат романите ,,Пиреј" , ,,Големата вода" или ,,Црно семе" , кога ја изучуваат  тешката историја на својот народ, подголнуваат и среќни се што живеат во ова време. Но, дојде некое иронично време на испревртени вредности, никогаш повеќе не сме се интересирале и внимавале на здравјето, а сѐ потешко го одржуваме. Никогаш покомфорни и покомотни услови за живот, модернизација во сите сфери,  луксуз, престиж, патувања, концерти, музеи, книги, скулптури, естетски усовршувања, факултети, докторати, достапни информации, демократија, слобода... А сѐ потажни, понервозни, поболни и духовно посиромашни. Каков цинизам, имаш сѐ, а не чувствуваш задоволство. 

Постојат ли утврдени морални норми?

- Моралот полека, но сигурно се менува, веќе не можеме ни да го пронајдеме по дефиниција, а сѐ потешко наоѓаме примери за високи морални вредности. Дојде време, кога криминалците со ,,бели јаки" добиваат во вредност, вреднувани според сиот подвижен и неподвижен имот, кога проститутка и стриптизета на шипка се работна позиција и занает, кога во парламент влегуваат порно sвезди ( Чичолина во Италијанскиот парламент), кога партнерското неверство е нешто нормално и оправдано, кога жените се ,,вљубуваат" во финансиски моќни мажи за да ги издржаваат, мажите ги користат жените и физички и материјално, жигола, кугуарки, сквернавење деца, секс скандали... И сето тоа најдемократски пред очите на нашите деца, на кои треба да им даваме пример за чесност и високи морални вредности ?!


Нели ги збунува децата тоа што се менуваат нормите на дневна основа, нели е тешко да препознаат што е добро, а што лошо?                                                  

- Така е, децата се збунети и изненадени, па кога ќе им ,,легнат работите" може да станат  револтирани и фрустрирани, па нас возрасните да не изненадат со постапките. Треба сами да го одберат патот, но да им се објаснат и можните последици од лошиот избор. Ние, возрасните, од пусти страв децата да не бидат манипулурани, ги учиме да не бидат добри за да не страдаат, што е погрешно, добрината е доблест, единствениот човечки атрибут по кој се разликуваат луѓето. Треба духовно да ги збогатуваме, да им се јакнат чувствата за емпатија и емоционална интелигенција, за да се справат со суровиот материјализам кој го живееме под параванот на демократија. Секој умее да разликува добро од лошо, но не секој умее да се дистанцира од лошото или да прави само добрини. 

Првите три години се пресудни, малтене се формира карактерот. Посветено ли им доволно внимание од страна на родителите, ефективно внимание?    

- Најчесто сме несвесни, колку децата свесно нè имитираат и учат од нас. Ги занемаруваме нивните емоции и пред нив се расправаме невнимавајќи на зборовите и гестовите кои ги впиваат како сунѓери уште од најмала возраст. Животното темпо е убиствено, не се стасува насекаде и најчесто се запоставува најважното, домашното, семејното, најсаканото. Во заблуда сме ако мислиме дека  ќе им надокнадиме еден ден, дека некој друг може да биде заменски родител, дека им се поважни материјалните нешта од нашето физичко и духовно присуство крај нив. Ако ги навикнеме на таква компензација, во нас ќе гледаат предмет задолжен за нивните материјални потреби. Над децата треба да се бдее, да се живее со нив, да им читаш од поглед и уста пред да те погледнат и проговорат. После полнолетството на нашите деца, може да се преиспитаме како сме ги чувале и воспитувале, со љубов и посветеност, или со компензација.

Оној другарски однос со просветните работници нели ги прави неодговорни, да не знаат да почитуваат, па би рекла и невоспитани во одредени ситуации. Или според вас како просветен работник има позитивни ефекти?  

- Другарски односи со другари и пријатели, во училница тоа треба малку поинаку да функционира. Почитувањето не смее да биде стравопочит, ниту условено од оценките, треба да е рефлексија на препознавањето на нашата почит и вложување во нив. Децата на 15 години се со веќе оформен карактер, тука нема простор за превоспитување, туку за мотивирање. Треба да се осетат подеднакво  вреднувани од нас, да ги стимулираме со позитивен пристап, но дистанцата ученик - учител да е доволна за да не си дозволиме конфликти и непријатни зборови. Ако ни се доверуваат, бараат помош од нас, искрени се и не лажат, тоа е добра повратна комуникација, исто како и  со своите деца дома. Прв знак за лоша комуникација е кога децата те лажат!

Сте имале ли непријатно искуство да не можете да одржите час на пример, им се случува ли на ваши колеги?     

- Имало и такви моменти, зависи во кое училиште и во каков клас предаваш, но затоа треба да процениш каде како да се поставиш. Факт е дека најчесто не реагираат сите ,,од прва"  ако ги замолиш за тишина, има деца навикнати на дресерски однос и мора да покачиш тон или тропнеш на маса, за да изреагираат како што навикнале. Но, има деца кои студиозно ти го впиваат секој збор, запишуваат, внимаваат цел час, интерактивни се, и лесно го совладуваат материјалот токму поради нивниот професионализам. Е другата група на ученици се аматери, само физички присутни на час и во вечна борба за високи оценки со ,,лигавење" , наместо со вреднување на ислушаното , разбраното и наученото. Нема глупи и паметни, за сѐ во животот има само аматери и професионалци.


Голем број од родителите кои треба да воспитуваат деца се во дилема, дали да ги воспитуваат по стариот систем на вредности (на социјализмот) или по новиот на капитализмот? 

- Од секој систем селективно да се одбере позитивното, а отфрли негативното. Нема совршен систем, исто како што нема совршени родители, ниту совршени просветни работници (совршенството да им го оставиме на боговите). Тоа е уметност на живеењето, да умееш да ги препознаеш позитивните нешта и да ги применуваш. Во социјализмот не учеа на еднаквост, привидна еднаквост, но имавме сигурност, па нека била и лажна сигурност (кредитите правеа илузии). Цедевита се земаше на рецепт во аптеките, киселата вода беше поскапа од бензинот, работничката класа одеше на одмор долж Јадранот, пасошот пари вредеше (затоа и се крадеше) и така, бајковитата југословенска идила, пукна како меур од сапуница. Но, бевме среќна младина полна ентузијазам, која знае ударнички да гради патишта без пари. Капитализмот не дозволува ,,дремлерска" младина која чека државата да ја вработи со сигурна плата до пензија. Ударнички мора да се работи 24/7 за да се преживее, а волонтерскиот ентузијазам е сѐ поредок и најчесто заради побогата професионална биографија, како предуслов за вработување. ,,Имаш куќа - врати стан" (социјалистичка финти за вистинските и ретки комунисти), сега е непоимливо. Во капитализмот и незаконски стекнатиот имот не се враќа! Класната разлика е неминовност, сурово се поделивме на успешни (богати) и неуспешни (оние кои живеат од просечна плата). Збогатените знаат да кажат дека другите имаат помалку затоа што се неработници, додека осиромашените знаат во сѐ што е со голем капитал да видат криминал. И децата во таквиот пинг-понг систем, повторно збунети, не знаат за кого да навиваат и кој да им е пример за успех. Децата мора да сфатат,  дека  од никого ништо не треба да чекаат, најмалку од државата, и да не се срамат да работат било каква работа, секако етички оправдана. Моралните норми во капиталистичкиот систем на вреднување  се: ,,имаш - значи постоиш", а како и колку ќе се има, зависи од многу работи, најретко од интелигенција и воспитаност ( она на што ги учиме децата ).

Се повеќе другаруваат со мобилните и компјутерите, а помалку со книгите кои се одличен начин да се учи од туѓите грешки. Стравувате дека ќе се претворат во современи зомби да шетат по улица „забуљани“ во телефоните?          

- Стравуваше и Ајнштајн со неговата саркастична, но генијална визија за новите компјутерски генерации: ,,Кога технологијата ќе ги надрасне меѓучовечките односи, светот ќе добие генерација идиоти". Виртуелен свет на компјутерската технологија ги изигрува децата, играјќи се со нивната психа и заробувајќи го нивното тело, кое страда подредено на тастатурата и екранот. Веќе не знаат убаво да пишуваат, кога ќе прочитам есеј  напишан со ,,краснопис"  се радувам како дете на посакувана и ретка играчка. Исто и со книгите, радост е кога се чита, анализира и применува прочитаното од страна на учениците. Факт е, дека дете кое има развиено читачка навика, пишува и говори полесно и поубаво од оние што не читаат. И не е проблемот само во (не) читањето, туку во секаков вид комуникација. Полесно им е брзопотезно допишување, најчесто со ,,копи пејст"  емотикони, во замена за дружење во живо, шетање, движење, спортување, па дури и расправање ,,очи во очи". Не оди на добро, се претера со злоупотребата на компјутерите во негативни насоки. 


Какво здравство им нуди на децата општествово?                    

- Здравствениот систем  пука по шевови, организираноста и менаџирањето се импровизации, и таму политиката и материјализмот влегоа со големи апетити. Но, на здравствените работници, во такви услови, секоја чест! Ние имаме добри доктори и медицински персонал, стручни во своите области, пожртвувани и професионални, но условите каде што работат се навистина тешки. ,,Мој термин" направи поголем неред, отколку ред, докторите повеќе гледаат во тастатура отколку во пациентот. Сум гледала хирурзи како исцрпени излегуваат од операциона сала без заштитни очила, испрскани со крв, не затоа што се неодговорни, туку  се во дефицит со заштитна опрема. Сум гледала медицински сестри, кои по цела ноќ бдеат над пациентите и буквално  трчаат по ходниците за да стасаат кај сите пациенти. Да, има многу примери  на лекарски грешки и пропусти, но има многу повеќе  успешно поставени дијагнози, терапии, интервенции и лекувања, само што за жал, повеќе ги паметиме непријатните случки. Таквите професии (колку години се студира, специјализира и цел живот учи)  државата треба да ги чува и штити, да имаат највисоки плати, заради ризичната и стресна работа и затоа што најважно од сѐ е здравјето.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг