На вечерашната дебата на ТВ Телма, професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатката за претседател на Македонија подржана од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ќе го почитува Договорот од Преспа, но дека лично секогаш кога ќе може ќе го одбегнува називот Северна Македонија.
“Се разбира дека ќе го почитувам, бидејќи тој стана дел од Уставот. Јас ќе ги почитувам натписите на името на државата, но лично како индивидуа секогаш ќе го одбегнувам називот Северна Македонија и се разбира ќе ги употребувам придавките македонски/македонска. Не знам како дојде до тоа само некои државни јавни институции да се нарекуваат национални, Народниот театар да може да се нарекува македонски, а за МАНУ не знам каде е логиката. Одговорно тврдам дека кога ќе речете национален мислите на етнос или демос, јас мислам на демос. За мене нема никаква пречка придавката македонски да стои пред сите државни јавни институции. Впрочем, и во членот 7, став 2 стои дека е дозволена употребата на придавката “македонско”, изјави професорката.
Кандидатот на владејачките партии ја праша противкандидатката Гордана Силјановска Давкова како ќе го подобри Договорот од Преспа, а потоа тоа да биде ратификувано и во грчкиот Парламент:
“Не ми е јасно како Силјановска како претседател ќе го почитува и применува новото име, а како индивидуа ќе го одбегнува. Можно е менување на Договорот од Преспа, но потребна е согласност од двете страни. Еве нека каже Силјановска како планираат да го сменат, дали да издејствуваат признавање на македонскиот јазик што веќе е издејствувано, што подобро ќе направат од овој Договор, а во истовреме ќе биде ратификувано и во грчкиот парламент?“, праша Пендаровски.
На дебатата помеѓу професорката Гордана Силјановска, Стево Пендаровски и Блерим Река, кандидатот на СДСМ, Пендаровски беше прашан дали може да се промени Договорот од Преспа на што тој го даде следниот одговор:
“Не гледам проблем што институциите се преименувани во национални. Вие ќе морате со некоja утрешна грчка Влада да ги убедите дека треба повторно да го отворите тоа прашање и да препрeгoварате и дали со таков нов догoвор ќе направат да стои македонски јазик бидејќи придавките македонски и кодовите МК и сега ги има не знам што би било подобро, а притоа тој Договор да го ратификуваат во грчкиот Парламент”, рече Пендаровски.
За Река договорот е вин-вин ситуација бидејќи Грција го сочувала своето атничко минато, а Македонија ја доби својата европска иднина.
“Во период од десет години во Македонија од преголемата љубов кон нацијата можевме да ја загубиме државата, имавме суфицит на етнички национализам, имавме дефицит на државен патриотизам”, рече Река и додаде дека со Договорот не сме ја загубиле државата, таа е истата - со Македонци и македонски јазик.
Тој напомена и дека меѓународните договори кои ги потпишуваат две страни мошне тешко унилатерално се менуваат и додаде дека тој повеќе стравува оти Договорот може да претрпи промени од грчка страна, доколку таму на власт дојде, некој кој е подесничарски и понационалистички настроен.
Пендаровски во дебатата изјави и дека нема ништо спорно од законски аспект премиерот Зоран Заев и министрите од Владата кои го подржуваат да учествуваат во кампањата.
“Од етички аспект, да, но законски не е спорно се додека не се користат државни ресурси. Досега не се користени, нема ни во иднина”, рече Пендаровски.