Филип Ачкоски: Клучот за здраво срце е во ‘‘во нашиот џеб’’

Точка

25/03/2019

11:08

3.301

Големина на фонт

а а а

Како влијаат температурните разлики на здравјето, чии последици се повеќе ги чувствува и младата популација не само хронично болните. Кој е најголем непријател на нашето срце?

Што да преземеме да ги ублажиме последиците од температураните промени? Ова се дел од прашањата на кои одговор ќе добиеме од Филип Ачкоски, м-р по фармација и топедукатор.  

Како реагира срцето на температурните разлики?

- Раната пролет е период на големи температурни разлики во текот на само еден ден, од минусни температури наутро па се до 20 и повеќе степени напладне што е сериозен стрес за нашиот организам. Иако човечкото тело има ефикасен механизам за терморегулација, сепак некои системи во телото а пред се кардиоваскуларниот систем, не можат брзо да се прилагодат на брзите температурни промени. Ниските температури придонесуваат за згуснување на крвта, стеснување на крвните садови ограничен проток на крвта и недостаток на кислород. Следствено срцето побрзо работи и доаѓа до појави на тахикардија и зголемен крвен притисок. Најопасни последици од температурни разлики поголеми од 5 степени во тек на еден ден се зголемен ризик од срцев и мозочен удар.

Се чини дека нема возрасни граници, во последно време сите ги чувствуваат последиците од температурните промени?

- Во принцип постарите лица, лицата со срцеви заболувања и болните од астма најтешко ги поднесуваат брзите промени на температурата. Кај постарите луѓе метаболизмот е побавен, па потешко се прилагодуваат на промените, а кај хроничните болни симптомите на болеста се интензивираат. Сепак и добар дел од здравите лица реагираат на брзите и чести температурни промени: поспани се, изморени, нерасположени и депресивни. 

Како можеме да му помогнеме на организмот, ако не можеме да влијаеме на температурните разлики? 

- Поради наглиот пад на температурата луѓето кои имаат проблеми со притисокот, но и срцеви проблеми, не треба да се изложуваат на преголеми напори ниту на физичко работење, а задолжително мора редовно да ја земаат терапијата.

Останатите треба да внимаваат да бидат соодветно, топло облечени, а во просториите во кои престојуваат да одржуваат константна температура. Доколку немаат потреба да не излегуваат рано наутро кога директно од затоплена просторија со околу 23-25 степени одиме на температура околу нулата и правиме сериозен шок на организмот.

Корисни се секако и прошетки во природа во топлиот дел од денот.

Што да преземат оние со низок, а што оние со висок притисок? 

- Одржувањето на нормален крвен притисок е многу важно (120mmHG/80mmHG) за да може сите ткива и клетки во телото да се снабдат со потребните хранливи состојки и со кислород. Симптомите на нискиот крвен притисок најчесто настануваат поради намален доток на крв, па оттука прво решение е да се подобри циркулацијата на крвта.

Доколку нема сериозна причина за медицински третман, во случај на низок притисок вообичаено е доволно да се преземат хигиено-диететски мерки:

- Внесување на доволно течности, супи и електролити (ОРС);

- Јадење на посолена храна;

- Внесување повеќе помали оброци во текот на денот. Притоа вклучување на некои намирници може да го покачи крвниот притисок пр. бадеми, мед, ѓумбир, коприва, грав, соја, авокадо, банани, сончоглед итн.

- Умерена консумација на кофеински напивки (2 кафиња на ден) најдоцна до 16 часот;

- Чаша црно вино по главниот оброк;

- Редовно вежбајте, шетајте на свеж воздух, пливајте.

Во случај на дијагностицирана хипертензија пациентот е најчесто под медикаментозна терапија кон која треба строго да се придржува со цел да се одржуваат целните вредности на притисокот и да се минимизира опасноста од кардиоваскуларни инциденти. Покрај тоа важно е да ги промените животните навики:

- Прекин на пушење, бидејќи пушењето го зголемува крвниот притисок ја забрзува работата на срцето и ги стеснува крвните садови;

- Намалување на внесот на алкохол на помалку од две чаши вино дневно, што може да го намали систолниот притисок за 3 mmHg и дијастолниот за 2 mmHg.

Намалување на внесот на сол бидејќи ги намалува компликациите од хипертензија до 30%. Дозволениот внес на сол е до 5 g на ден;

Намалување на зголемената телесна тежина до пожелниот BMI (body mass index). Секое намалување на вишокот тежина за 5 kg ќе го намали систолниот притисок за 4,4 mmHg и дијастолниот за 3,5 mmHg;

- Здрава исхрана која содржи големи количини интегрални житарки, зеленчук и овошје и мала количина црвено месо, маснотии и шеќери;

- Редовна физичка активност 3-5 дена во неделата од минимум 30минути, може да го намали систолниот притисок за 3,8 mmHg и дијастолниот за 2,6 mmHg.

- Избегнување на стресот.

Кои се други фактори кои можат да предизвикаат неправилно функционирање на срцето? 

-Покрај генетските фактори кои предиспонираат одредени кардиоваскуларни заболувања, староста и менопаузата (кај жени), главен непријател на нашето срце сме самите ние т.е. несоодветниот животен стил кој го водиме. Во оваа смисла клучни фактори за нарушувањето на срцевата функција се пушењето, прекумерна конзумација на алкохол, нездрава исхрана богата со прости шеќери (слатки) и животински масти, прекумерната тежина и седечкиот начин на живот како и лошото менаџирање на стресот. Токму затоа клучот за здраво срце во суштина е ‘’во нашиот џеб’’ бидејќи со изградба на здрави навики од рана возраст можеме да превенираме бројни здравствени проблеми и да осигураме благосостојба на нашето тело и дух.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг