Радован Караџиќ осуден на доживотна робија! Хаг ја соопштил конечната пресуда, од галеријата се слушнале и негодувања и аплаузи

Точка

20/03/2019

16:38

2.404

Големина на фонт

а а а

Радован Караџиќ бил осуден денес пред Меѓународниот казнен суд за поранешна Југославија за најтешки воени злосторства на европска територија по Втората светска војна.

Караџиќ е прогласен за виновен за геноцид, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување. Осуден е на доживотен затвор. Ова е конечната пресуда. 

Судијата рекол дека злосторствата кои ги извршил Караџиќ се злосторства од невидени размери и бруталности. По изрекувањето на пресудата во судницата се слушнал громогласен аплауз, како и негодувања.

Потврдена е речиси целата првостепена пресуда

Жалбениот совет ги потврдил речиси сите елементи на првостепената пресуда.

Караџиќ во првостепената постапка пред Меѓународниот казнен суд за поранешна Југославија е осуден на 40 години затвор за најтешки злосторства извршени на подрачјето на Европа од Втората светска војна. Првостепената пресуда, со која на 24-ти март 2016-та е прогласен за виновен за воени злосторства, изречена му е на основа на обвинението кое го товарело по две точки за геноцид, по пет точки за злосторства против човештвото и по четири точки за кршење на законот и обичаите за војување, кои ги извршиле босанските Срби во текот на војната во БиХ од 1992-ра до 1995-та година.

Жалбениот совет ги потврдил заклучоците од првостепната пресуда за одговорноста на Караџиќ за етничко чистење на Муслимани и Хрвати во БиХ, за геноцид во Сребреница, за повеќегодишно тероризирање на Сараево и за држење на припадници на ОН како заложници, како и за учество во четири злосторнички потфати во чии рамки биле извршени тие злосторства.

Расправниот совет пред три години заклучил дека Караџиќ извршил злосторства при учество во четири здружени злосторнички потфати со цел босанските муслимани и босанските Хрвати трајно да се отстранат од подрачјето на БиХ, на кое босанските Срби положувале право. Злосторствата ги вршеле во општини ширум БиХ и ширеле терор меѓу цивилното население на Сараево преку пукање од снајпери и гранатирања. Како здружен злосторнички потфат се карактеризира и кампањата за земање на припадници од мировните сили на ОН за заложници за НАТО да се откаже од воздушните напади на воените цели на босанските Срби.

Виновен за геноцид, прогон, истребување, убиства, депортација, нехумани дела...

Во првостепената постапка Караџиќ бил прогласен за виновен за геноцид на подрачјето на Сребреница во 1995-та година и за прогон, истребување, убиства, депортација, нехумани дела, односно принудно преместување на население.

Жалбениот совет потврдил дел од пресудата на расправниот совет ICTY, со која Караџиќ бил ослободен од вината за геноцид во други општини во БиХ - Приједор, Фочи, Кључ, Сански Мост и други.

Караџиќ барал ослободителна пресуда или повторно судење поради неправична постапка, што било одбиено.




Спонзорирани линкови

Маркетинг