Ања Ветерова: Единствено што ми недостасува е семејството

Точка

20/03/2019

10:09

4.872

Големина на фонт

а а а

„На Беркли се оценува посветеноста на ученикот, домашните задачи, креативноста, наставата е целосно на англиски јазик, за разлика од кај нас. Бостон е чист град, со чист воздух. Средби со исклучително талентирани музичари од цел свет“- раскажува за Точка, Ања Ветерова, она мало талентирано девојче кое некогаш не претставуваше на детската Евровизија, која веќе е девојка. Оваа наша музичка ѕвезда е со потенцијал и амбиции да зрачи на светската музичка сцена.

Што треба да има човек на ум ако се одлучи да живее во Бостон?

- Бостон е прекрасен град со одлична клима. Летата се многу топли додека зимите се исклучително студени. Доколку некој планира да живее или да го посети Бостон на подолго време, јас би препорачала со себе да понесе топла облека доколку е зима и лежерна облека доколку е лето. Инаку Бостон е град кој има се што на еден човек му е потребно за опстанок. Мене единственото нешто кое ми недостасува тука е моето семејство. 


Што ти се допаѓа, а што не?

- Многу ми се допаѓа народот бидејќи се многу дружељубиви. Во Бостон можете да сретнете луѓе од целиот свет, бидејќи е полн со туристи. Ми се допаѓа начинот на кој граѓаните се грижат за средината на Бостон и мерките против загадувањето. Бостон е чист град, каде граѓаните уживаат во чистиот воздух. Од друга страна засега не сум нашла нешто кое не ми се допаѓа во овој град. 


По што се разликува образовниот систем од Македонија?

- Очигледна разлика е тоа што наставата тука е на англиски јазик. Исто така материјалот и теоријата која јас ја учам тука е поразлична од нашата кога станува збор за музичкото образование. Начинот на кој професорите не оценуваат е по други стандарди. Кај нас на пример оцената се состои најмногу од резултатите на тестовите или испитите, додека тука е поделено. Професорите тука еднакво го ценат трудот на ученикот и оцената се состои од резултатите на тестовите и испитите, но и од домашните задачи и посветеноста на ученикот. 

Имаш ли пријатели? 

- Да! Многу сум среќна што успеав за овие пет месеци да запознаам толку многу различни и исклучително талентирани музичари од целиот свет. Имам неколку пријатели кои на мене тука ми станаа фамилија. Многу сме блиски и секојдневно сме заедно од утро до вечер. Среќна сум што ете не сум потполно сама и имам некој кој може да ме направи среќна и исполнета на тоа поле. 


Како го поминуваш слободното време?

- Морам да признаам дека овој семестар немам многу слободно време. Имам многу обврски на факултет, бидејќи сум дел од повеќе бендови. Бев дел од концертот со Балканскиот хор кој се одржа на крајот од февруари во арената на Беркли. Сепак, имам одредени денови кога наоѓам слободно време за себе, кое го поминувам со пријателите. Зависно од времето, некогаш одиме во националниот парк на Бостон и играме друштвени игри или седиме во кафитеријата на Беркли и разговараме или компонираме.


Кои ти се омилени туристички атракции?

- Бостон има многу интересни туристички места за посетување. Музејот на уметноста, патеката на слободата, паркот Фенвеј и многу други. Јас лично ги имам посетено скоро сите атракции, но морам да признаам дека моето омилено место кое често го посетувам и го нарекувам мое скришно засолниште е пешачката патека покрај реката Чарлс. Многу е мирно и пријатно кога е топло, но јас искрено одам таму и во зимските денови, бидејќи таму го наоѓам својот мир.

Автор: А.В.



Спонзорирани линкови

Маркетинг