Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Валтер Дефа, кој од денеска е специјален советник за економија во Владата на иницијатива на германската канцеларка, Ангела Меркел.
„На средбата д-р Валтер Дефа, кој како искусен професионалец се очекува да даде поддршка на Владата на РСМ во спроведување на економските политики, ги пренесе поздравите од канцеларката Ангела Меркел, на чија иницијатива се реализира неговиот ангажман во нашата земја, и го изрази своето задоволство што во наредниот период, заедно со претседателот на Владата на РСМ, Заев, како и со тимот економски министри во Владата, ќе може да соработува на унапредување и имплементација на економските политики на Владата“, соопштија од владината прес-служба.
Заев и Дефа разговарале за приоритетите за економски раст на земјата. Премиерот истакнал дека меѓу приоритетите на нашата земја е профилирањето на стручна работна сила за потребите на странските инвеститори, за кој Владата на Германија покажала посебен интерес, со оглед потребите на германските компании присутни во земјата, како и на компаниите кои покажаа интерес да инвестираат во Македонија.
„Како стратешките приоритети на Владата за развојот на економијата на Република Северна Македонија за побрз и одржлив економски раст и развој на средбата беа споменати реализацијата на инфраструктурните проекти за подобро поврзување со соседите, со тоа и зголемување на регионалната економска соработка, енергетските проекти, како и споделувањето на искуствата за европските фондови за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.
Валтер Дефа е долгогодишен претставник на Германија во Европската комисија, каде што извршувал повеќе должности меѓу кои како позначајни се издвојуваат неговите работни обврски како директор на Генералниот директорат за регионална политика, како и неговото раководење со Генералниот директорат за даноци и царини на Европската комисија.