Заев: Набргу ќе има информации за тоа што всушност се случило со автобусот

Макфакс

14/02/2019

15:10

1.490

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев, по посетата на повредените во сообраќајната несреќа, извести дека истрагата за настанот е во тек, а сериозни информации се очекуваат од возачот. Најави дека со јавноста ќе бидат споделени кога ќе се заокружи истрагата.

„Истрагата почна вчера. Информациите ги знам од министерот за внатрешни работи. Под раководство на надлежен јавен обвинител заедно со полициските служби беше направен увид на самото место со сите техникалии поврзани со тоа. Возачот беше во свесна состојба, уште вчера се направени разговори со него. Веројатно, поради начинот на пристап во истрагата, оставено е преспивање, па ќе продолжат разговорите. Претпоставувам дека возачот е лицето што може да даде сериозни информации, но и самите повредени. Кога ќе помине првиот бран на главниот аспект, а тоа е грижата за здравјето на сите, веројатно истрагата продолжува, штом ќе ги заокружат сите неопходни информации, ќе ги споделат со јавноста. Знам дека не само семејствата на загинатите и повредените, туку и сите ние граѓаните сакаме информации за тоа што всушност се случило и верувам дека тоа ќе се случи многу бргу“, рече премиерот Заев.

Во автобуската несреќа вчера попладне загинаа 14 патници кога автобус на „Дурмо турс“ на пат кон Гостивар излета од автопатот и се преврте во близина на селото Ласкарци. Од повредените патници, 37 се задржани на лекување, а седум од нив се во критична состојба. Во автобусот сè уште, неофицијално, имало 51 патник.



Спонзорирани линкови

Маркетинг