Џафери: Искрена благодарност до Албанија за ратификацијата на протоколот за НАТО

Макфакс

14/02/2019

14:52

1.393

Големина на фонт

а а а

„Се гордеам што сум сведок на еден толку свечен чин за нас, за граѓаните на Република Северна Македонија и за сите што придонесоа за тоа каде сме денес, ни веруваа и ни дадоа поддршка. Денес, пред сѐ, сум сведок на непосредната рефлексија на вистинското пријателство, на искреното соседство и безусловната поддршка на една братска држава како што е Република Албанија“, истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, пред пратениците во албанското собрание, кое денеска го ратификува протоколот за влез на Македонија во НАТО.

Според него, односите помеѓу нашите две земји се преплетени со силни нишки на пријателство, меѓутоа и со семејни врски.

„Имаме развиени билатерални односи на сите највисоки политички нивоа, меѓутоа и на полето на економската, културната, образовната, дури и туристичка соработка. Вие сте наш силен поддржувач во сите регионални иницијативи и пред мултилатералните меѓународни тела.

Сега сме во фаза на изодување на последните километри пред полноправното членство во НАТО и отворањето на преговорите за членство во Европската Унија. Во однос на НАТО, ние се надеваме дека до крајот на оваа година или почетокот на 2020 година протоколот за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО, кој пред некоја недела беше свечено потпишан во Брисел од страна на амбасадорите на земјите членки, ќе биде ратификуван во сите 29 национални парламенти и со тоа ќе станеме триесетта полноправна членка со сите права и обврски што ги има секоја членка на НАТО.

Пред два дена протоколот го ратификува собранието на Република Словенија и симболички ја отвори вратата за другите национални парламенти. И, денес, собранието на Република Албанија го ратификува протоколот на Северноатлантскиот сојуз за членство на Република Северна Македонија и во оваа пригода сакам искрено да ви заблагодарам од име на Собранието на Република Северна Македонија и од име на граѓаните на Северна Македонија. Со ова, Република Албанија и албанскиот народ уште еднаш го потврдија пријателскиот однос кон Република Северна Македонија и кон нејзините граѓани. Бидете уверени дека ние ова ќе го памтиме секогаш, а секогаш сме знаеле да ги почитуваме и вреднуваме нашите вистински пријатели – Албанија и Албанците се токму тоа“, рече Џафери.



Спонзорирани линкови

Маркетинг