Шест нови заболени од мали сипаници, докторите очекуваат бројката да се зголемува

Макфакс

27/01/2019

14:07

2.431

Големина на фонт

а а а

Во текот на вчерашниот ден на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се вкупно 6 нови заболени од морбили, а уште тројца амбулантски се прегледани, со јасна клиничка слика на морбили (мали сипаници), информираат од Министерството за здравство.

Ова е бран на ново заболени и здравствените работници очекуваат бројката да се зголемува. 

„Епидемијата од морбили се шири во некои од градовите во внатрешноста на земјава. Две деца се во потешка здравствена состојба и за што постои можност да бидат поставени и на апарати за дишење. Здравствената состојба на детето со церебрална парализа кое беше во потешка состојба, значитело е подобрена. Исто така, подобрена е и постабилна состојбата и на 8 годишното девојче кое има астма и се заразило со морбили и варичела. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има вкупно 24 пациенти со мали сипаници“, стои во соопштението на министерството во кое се додава дека заклучно со 13:00 часот вакцинирани се вкупно 4.345 деца со МРП вакцини.

Од таму појаснуваат дека за да се спречи ширењето на епидемијата на морбили во Скопје, во сите Универзитетски Клиники донесена е одлука за ограничување на посета на пациентите, односно за забрана за посета на пациенти кои лежат на клиниките се до крајот на траењето на епидемијата.

„На трите пунктови во поликлиниките ‘Јане Сандански’, ‘Бит-пазар’ и ‘Ѓорче Петров’ има дежурни лекари секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот. Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили. Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови“, велат од Министерството за здравство.

Потсетуваат и дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.

„Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина, која е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија“, нагласуваат од надлежното министерство и посочуваат дека вакцините кои се користат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.



Спонзорирани линкови

Маркетинг