Милан Јазбец: Новогодишната магија на Љубљана

Точка

26/12/2018

11:12

1.898

Големина на фонт

а а а

Љубљана е еден од најпосетените градови особено за празниците и да не се изненадите ако не можете да најдете сместување.

Чист, со специфична архитектура, шарматен во секој дел од денот, а за Нова Година е незаборавно доживување. Но, тоа најдобро ќе ви го долови амбасадорот на Словенија во нашата земја Милан Јазбец. 


Кои се атракциите кои треба да се видат за Нова Година во Љубљана?

-Љубљана е вистинска атракција за туристите: град на реката Љубљаница и Плечниковото Тримостовје како и стариот градски центар, каде што шетал Прешерен пред двесте години. За време на божиќните и новогодишните празници, Љубљана е особено полна со туристи, домашни и странски, едно дневни и такви кои долго време остануваат во градот. Секој сака да го посети Љубљанскиот пазар, што е нешто посебно. Празничната радост и забава привлекуваат десетици илјади туристи во главниот град на Словенија, бројот расте од година во година и хотелите се секогаш полни.


Каков е концептот кој го нуди овој град за дочекот?

-Најголемиот дел од радоста е во близина на Љубљаница. Крајбрежјето е преполно со забава, детска радост, лизгалиште на мраз и отворена кујна на пазарот која нуди вкусни деликатеси од различни делови на светот, а секоја година огнометот е атракција. Во текот на огнометот на полноќ, Љубљанскиот замок свети во посебна, романтична и носталгична светлина и бои. Љубљана е бутик град, каде што се наоѓа нешто за секого.


Како се прославува, како си честитаат, имаат ли Словенците посебни ритуали?

-Немаме посебни ритуали, но сакаме да си дозволиме традиционална домашна, како и други добри: варено вино, ореова потица, Прекмурска гибаница... На новогодишното утро се посетуваат пријатели и роднини, попладнето е за прошетка низ градот, одење на концерт, за дружење и веселење како и да си посакате многу среќа и добрини.

Постои ли суеверие на почетокот на годината?

-Посебни суеверија веќе нема, исчезнаа, како и многу други традиционални и добри работи. Штета, но ова е модерен начин на живот ... Но, важно е да си честитаме, да даваме подароци и да се радуваме. Многу Словенци прославуваат на други места во регионот, на пример, во Белград, а и пошироко, на сите страни на светот.

Каде ќе бидете вие за Нова Година и како ќе прославите?

-Оваа година празниците ќе ги поминам во Скопје. На ова посебно се радувам и очекувам дека нема да морам да се занимавам со некои посебни дипломатски работи. Со задоволство одам на прошетка на Водно, а веројатно и ќе одам некаде надвор, на воздух и сонце. Во Македонија има доста такви места.

Која е вашата новогодишна честитка за читателите на Точка?

-На сите им посакувам пред се опуштена, весела и мирна атмосфера. Во новата година, им посакувам многу здравје и задоволство, особено меѓу домашните и пријателите. Ова е најважно. Ако човек добро се чувствува и мисли добро, ако е во друштво на добронамерни и позитивни луѓе, тогаш сè е полесно, подобро и поубаво.


Кои се очекувањата за Македонија во 2019-та година? 

-На Македонија, на оваа прекрасна земја и нејзините љубезни, топли и отворени луѓе, најпрво би им посакал лична среќа. На сите заедно, па економски и социјален напредок и подобар живот. Ова сигурно и ќе се случи заради очекуваното членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ. Според нашето словенечко искуство, ова е корисно и добро за сите. Затоа, Словенија ја поддржува Македонија на овој пат и сакаме наскоро да бидеме сите заедно дел од тоа општество.



Спонзорирани линкови

Маркетинг