Македонски Идол: Осум години подоцна...

Точка

30/10/2018

21:35

15.633

Големина на фонт

а а а

Македонски идол е реално музичко шоу, кое беше во продукција на А1 телевизија, според лиценца од популарното светското шоу „Поп Идол“. Шоуто беше снимено и прикажувано во 2010/2011-та година. Жирито беше составено од Игор Џамбазов, Калиопи и Тони Михајловски.

Поминаа осум години од емитувањето на првата и досега единствена сезона на Македонски Идол. Дел од финалистите сè уште ѝ се познати на јавноста, но исто така и голем дел „никаде ги нема“. Затоа, решивме да ги оживееме нивните сеќавања, а воедно и да дознаеме што прават, каде се, што им се случува во животот. Исто така ги прашавме што мислат за Втора сезона на Македонски идол. Мислењето речиси сите го делат меѓу себе, но и впечатоците од ова шоу не им се од драстични размери.

Освен дел од финалистите, Виктор, Билјана, Христијан, Лаура, Елизабета, Јана, Иван, Наталија, Денис и Јулија, за Македонски идол проговори и Игор Џамбазов, како дел од жирито на првата сезона.

Голем дел од нив имаат и свои авторски песни, кои имате можност да ги слушнете во продолжение на интервјуто.

А за тоа што вие мислите, дали Македонски идол заслужува втора сезона, може да ни напишете во коментар...

Виктор Апостоловски

Виктор, ти си доста активен насекаде. Најпрво кажи ни што сè правиш на музички план. Дали сè уште држиш приватни часови, каде можат да те слушаат нашите читатели и што е тоа што следно треба да го очекуваме од тебе?

На музички план до скоро правев милион работи: музики за театри, за кратки филмови, за луѓе од странство, за домашни изведувачи, држев часови и тн. Периодов сум конечно фокусиран на себе!


Долго време велам дека ќе го направам тоа, ама конечно дојде и тој момент - јас да можам да седнам и да посветам време на Виктор Апостоловски. Веќе не држам приватни часови и не правам музика за никого, додека не го завршам тоа што го имам замислено за себе! Е, после тоа ќе следат многу соработки. Планирам песни со многу македонски и странски изведувачи такашто, пратете ме и уживајте.


Следно од мене се неколку спота и мојот втор албум, конечно. Албумот е скооооро готов... речиси сè е средено, освен неколку ситници, работи што не зависат од мене, па ќе го пратам на печатење! Се надевам дека до декември ќе биде сето тоа завршено!

Што научи од Македонски идол, дали би сакал да има втора сезона и што е она што би го променил во неа?

Идол ме научи на многу работи! Пред сè, видов од „прва рака“ како функционира цела индустрија. Видов како може животот од 0 до 100 да ти се промени, за секунда. Научив милион работи, но, пред сè, научив кој сум, што сум и што можам, а тоа е најдоброто нешто што можеш да го знаеш во животот!


Би сакал да има втора сезона, со тоа што, по можност телевизијата да е исто моќна како „А1“, но да не биде насилно затварана во меѓу време, за да може да се искористи цел нејзин капацитет! Потоа би одбрал комисија мнооогу внимателно, бидејќи тие се луѓето што ги гледаш постојано, на секоја аудиција и тие го красат или гнасат шоуто.

И на крај, транспарентност и искреност! Ако сакаш да ти трае нешто, мора да си искрен пред публиката, не можеш да правиш „мучки“ и да очекуваш дека истото тоа ќе трае многу долго! Можеш... ама до кога?!


Освен страста кон музиката, дали постои нешто друго што толку многу те исполнува? Дали и Виктор е заљубен? 

Виктор е секогаш заљубен! Музиката е моја прва љубов! И таа е секогаш со мене! Инаку, во слободно време: спорт, филмови, благо, журки, биљард... Јас сум човек што наоѓа среќа во сè, ужива и во најмалите ситници, такашто, има милион работи што ме исполнуваат! Уживам во секој момент, што и да правам!

Хакуна Матата.

Билјана Ѓошева

Колку беше важен за Биле Македонски идол? Според тебе, дали македонската сцена може да ја оживее втора сезона од ова натпреварување? Што би сакала да се промени во втората сезона, доколку ја има?

Проектот „Македонски Идол“ е од особена важност за мене и главната причина што денес ја имам честа да припаѓам во светот на музиката.


Ова шоу пред сè нуди можност на новите таленти да се откријат, помалку истакнатите изведувачи кои работат на live настапи да се промовираат и според мене е погрешно доколку веќе готов производ се појави на натпреварување од ваков тип.

Не би променила ништо од аспект на режија и организција на шоуто. Тимот на А1 телевизија неуморно работеше овој проект да се реализира и истрае до самиот крај.

Кај себе би го променила духот кој требаше да ми остане борбен докрај. Признавам дека подлегнав на неколку провокации кои во тоа време ми ја пиеја енергијата и ми овозможија побрз пат кон крајот на моето учество. Фактот дека оваа работа е понекогаш немилосрдна им е веќе познат на сите оние кои се занимаваат со јавна професија, меѓутоа за храбрите, упорните и оние кои достојно се носат со сите предизвици успехот е неизбежен!

Да им откриеме на нашите читатели каде може да те слушаат.. Каде пее Биле? Дали имаш твои синглови и кои се твоите планови за во иднина? 

Благодарение на социјалните мрежи денес, за тоа каде настапувам многу полесно може да се информираат оние на кои им се допаѓа мојата работа. Користам Facebook и Instagram за таа цел, имам и свој Fаn page кој го креирав уште како учесничка на Идол.

Изминатите седум години работев со бенд со најсконцентрирани настапи во Скопје и чести патувања низ Македонија, како и настапи надвор од државата.


Мој единствен издаден сингл е „Moon story“ кој беше снимен непосредно по завршувањето на музичкото шоу со идеја дека така би требало да започне мојата музичка кариера, иако од денешна перспектива сметам дека еден музичар, артист или изведувач треба да созрее доволно за да се реши на таков смел чекор, да издаде своја песна, потоа албум кој ќе зборува за неговиот труд и вистина.

Песните кои би ги нарекле свои сепак се одраз на нашата емоција која ја носиме со себе и истата треба ненаметливо и искрено да ја пренесеме на слушателите.

За моите планови во иднината би требало да напишам некој пообемен текст но, ќе се обидам да бидам практична и конкретна. Сè она што досега сум го сработила ми е мотив и поттик да не застанувам.

Имам сè уште неостварени соништа, кога е во прашање музиката, би сакала повеќе соработки, би сакала reunion со сите учесници на Македонски идол и со многу голема љубов би била дел од било каков заеднички проект (песна, реклама, спот).

Освен љубовта кон музиката, дали постои некоја друга љубов.. дали си заљубена?

Работам на тоа да се видам себеси на некое повозвишено ниво на ова парче земја. Благодарна сум за секој нов ден, се трудам да бидам подобар човек и да пружам неизмерна љубов. Love conquers all.


Христијан Тодороски

Кико, иако поминаа многу години, верувам дека идол ќе ти остане во сеќавање засекогаш. Што е она на што прво се присетуваш кога ќе слушнеш „Македонски идол“? Дали ти недостига тоа време и што би сакал да промениш? Што мислиш за втора сезона? 


Тешко прашање. Не затоа што имам заборавено, туку затоа што цел тој период поврзан со Идолот јас сè уште го чувствувам како да беше пред некоја недела. Иако многу работи се сменети и многу ретко се гледаме со учесниците, би ги издвоил ноќните седенки и дружби во карантин со идолите. Тој период сите бевме во некој наш свет и сè што се случуваше би било интересно да се прераскаже, но тие работи сега засега нека си останат за нас. А учесниците многу добро знаат за што зборувам. Токму случките за кои што не можам да зборувам ми останаа во сеќавање.

Втора сезона... многу тешко затоа што помина време, се сменија многу работи, никој веќе не следи телевизија, сè е префрлено на социјалните мрежи на кои што секој може да сними некоја песна или како милуваат да кажат новопечениве изведувачи - кавер и можат да настапуваат за некои смешни суми.


Од друга страна, балканските талент шоуа се на многу високо ниво, народов за жал (јас би рекол за среќа) слуша сè повеќе српска музика, нивните изведувачи се мега ѕвезди имаат огромни хитови, во нашите дискотеки, кафулиња, ресторани се слушаат нивните песни... така што, мислам дека талент шоу од таков тип кај нас никогаш повеќе нема да има толку голема гледаност како што беше Македонскиот Идол. 

Нашите извори велат дека си го променил жанрот на музика, од оној на кој сме навикати да те слушаме. Објасни ни како се реши на таков чекор, што беше пресудно? Каде настапуваш, каде може да те слушнат нашите читатели? 

Па добро, сè уште не сум се претставил со нешто авторско на тоа прашање. Правам поголема пауза од јавниот живот и последната моја песна во поп стил беше во 2014-та година. Се надевам дека за брзо ќе изненадам со нешто ново и свежо кое што ќе го најави тоа мое враќање на сцената.


Секој еден кој што бил на мој настап, знае дека пеам сè - од Металика до Аца Лукас т.е. тоа што во моментов е популарно и кое што 90% од масата го слуша и ќе згрешам ако кажам дека народот не се забавува и ужива во тоа. Јас секогаш низ смеа знам да кажам "God bless turbofolk music".

И ти си еден од заљубените „Македонски идоли“. Љубовта е таа која те инспирира и ти дава мотив да не се откажуваш кога е најтешко.. Која е среќничката?

Христијан е секогаш заљубен (оваа изјава е од првото мое интервју). Љубовта е единственото нешто кое што го движи светот, а јас како суштество кое обожува да се движи - не можам да не сум заљубен.

На тоа поле пловам одлично и можам да кажам дека на 26 години јас сум исполнет и задоволен човек.


Лаура Крлиу

Осум години подоцна, како се чувствуваш кога ќе се спомене Македонски идол? Дали мислиш дека на Македонија ѝ треба втора сезона од ова натпреварување? Што би сакала да е поразлично од првата сезона? 


Кога ќе се спомене Македонскиот идол, секогаш чуствувам носталгија. Се потсетувам на убавите моменти, пред сè дружбата, но и на личноста на која сум била тогаш, и сега. Јас сум таа што сум и една од причините за тоа е Македонски Идол.

Мислам дека на Македонија и тоа како и треба Македонски Идол, бидејќи беше навистина голем успех. Сите учесници на тоа шоу вклучувајќи ги и тие што не стигнаа до финале, се остварија на музички план. Освен тоа, ова беше единственото шоу што се погрижи за сите нас по завршувањето.

Ништо не би сакала да е поразлично. Би сакала да бидат истите водители, истата организација и истото жири.

Нашите читатели во продолжение ќе можат да слушнат една од твоите најслушани песни, што е знак дека Лаура не запира, постојано работи на тоа да ги импресионира своите фанови.  

Кажи ни и ти каде настапуваш, што да очекуваме од тебе на музички план во иднина? Што е тоа што сега го подготвуваш?

Пеењето е мојата најголема страст, и каде и да ме водат патиштата, никогаш нема да заборавам што вистински ме исполнува. Јас сè уште работам, сè повеќе настапувам и секојдневно сè повеќе се надградувам како личност. Моментално целта ми се 2 фестивали, еден во Скопје и другиот во Албанија. И за прв пат ќе се претставам со балада.


Покрај страста кон пеењето, твојата втора голема страст е танцувањето. Кажи ни малку повеќе за тоа. 

Доколку треба да набројам, листата на работите што не ги правам е пократка од работите што ги правам. (хаха) да, точно пред 1 година ми се роди љубовта кон танцот. Таа љубов станува посилна како созревам и градам ново искуство. А уште поубаво е кога таа ја споив со мојата прва љубов - пеењето. Не знам што животот ќе ми донесе, но, едно знам - моментално сум комплетна личност. 

Дали можеби позади целата твоја позитивност кон сè што те опкружува, се крие некое момче, дали си заљубена?

Позади целата моја позитивност која ме опкружува стојат сите луѓе што ме опкружуваат но одговорна сум само јас. Среќата и енергијата се биолошки процеси, доколку телото ја создаде во големи количини тогаш ќе има и за другите. Јас ја трошам на танц, пеење и на самата себеси. ?


Елизабета Јовановска

Бети, што правиш ти после Македонски идол, дали сè уште се занимаваш со музика, дали настапуваш некаде, каде може да те слушнеме?  Дали имаш твои песни или немаш во план да градиш музичка карера на тој начин? 

Да, сè уште се занимавам со музика, најчесто сум активна преку викенд затоа што преку недела одам на работа и 8 часа од денот ги поминувам во канцеларија во друштво на моите прекрасни колеги во „Космик Девелопмент“.

Некогаш знам и да запеам за побрзо да ни помине времето, но попрофесионално го правам тоа за викенди по кафулињата во Скопје, а и низ цела Македонија, како и на свадби каде што младенците сакаат да слушнат малку поинаква музика.


Покрај музика, од скоро запливав и во актерските води и со тоа ми се исполни уште една желба.

Да, имам неколку мои песни кои што ми се многу драги и се надевам дека еден ден ќе се најдат на мојот прв албум. Во план ми е да издадам нова песна со видео запис, моментално работиме на тоа, а кога ке биде готова - ќе дознаете, ветувам!


Сега, после 8 години, како би го опишала Македонски идол? Дали тоа натпреварување те научи на нешто што и денес ти користи? Ги прашав сите, па и тебе.. Дали мислиш дека втора сезона на Македонски идол може да ја оживее естрадата? 

8 години? Зарем поминаа толку многу? Како вчера да беше...

Македонскиот идол за мене беше и ќе остане едно прекрасно искуство преку кое научив многу, запознав навистина талентирани млади луѓе со кои што и денес сум во контакт. Тие што беа дел од ова шоу, посебно учесниците, ме паметат како „Бети секретарката на Идол“, затоа што јас бев секогаш иницијатор и организатор на сите собиранки кои верувајте долго ќе се паметат. Баш тие моменти, позади завесите, ќе ми останат како најдраг спомен од Македонскиот идол.

Секако дека ме научи на многу работи. Пред сè да бидам борбена, да верувам во себе, да помагам и да ги почитувам другите. Секогаш несебично им давав совети на сите додека имавме проби и заедно ги вежбавме песните за наредната гала вечер.


Би сакала да има втора сезона на Македонски идол и јас да бидам во жири, хаха, но искрено со оглед на моменталната ситуација не верувам дека тоа би можело да се случи. Некако сè е префрлено на социјални мрежи, а и тие неколку обиди да се направи некакво музичко шоу во Македонија изминативе години не беа успешни. Секако, апелирам до медиумите доколку некогаш има можност да се организира повторно, да не се двоумат, бидејќи би било супер освежување за сите пред малите екрани.

Раскажи ни малку за твојот приватен живот. Што се крие под таа насмевка, дали Бети е заљубена или можеби разочарана...?

Мојот приватен живот е како ролеркостер, хаха. Се трудам секогаш да сум насмеана ама знам да пролеам и по некоја солза кога ќе ми дојде тешко на душата,за да ми олесни. Среќна сум, му се радувам на животот и благодарна сум што покрај мене имам семејство и пријатели на кои што може да се потпрам во секое време.

Сè уште ја немам пронајдено љубовта на својот живот, но верувам дека е таму некаде и ќе се појави кога најмалку ќе очекувам. Спремна сум да го пречекам (дочекам) со раширени раце и заедно да запееме :) Дотогаш продолжувам со исполнување на желбите од листата.

Јана Бурческа

Јана, ти си единствената натпреварувачка од Македонски идол, која што беше наш претставник на Евровизија, во 2017-та година со песната „Dance Alone“, што значи дека твојата музичка кариера се движи во нагорна линија. Кажи ни каде настапуваш, што сè правиш на музички план и кои се твоите планови за иднина?

Моментално сум посветена на промоција и поддршка на моите колеги изведувачи, дел сум од тимот на Стисни Плеј и секој вторник и петок на МТВ, ги запознаваме гледачите со добра македонска популарна музика. Изминатиот период ми се случија големи промени, па музиката ја негував само за домашни потреби, но, не уште долго.


Дали ти недостига времето на „Македонски идол“, дали би се пријавила повторно доколку има втора сезона? И, да, воедно што мислиш за втора сезона на Македонски идол?

Тоа беа убави времиња. Сведоци бевме колку напори се вложуваа да се реализира проектот и покрај тоа што постоеја притисоци. Секако, за мене како еден од најмладите и најмалку искусни учесници, настапите во живо со бенд (и тоа Блу Фанки, бендот којшто го придружуваше Тоше Проески) оставија најсилен впечаток. Огромно изненадување за нас беше и реакцијата на публиката и фановите кои ги стекнавме.

Непристрасно ќе речам дека таква еуфорија оттогаш се нема повторено за ниедно локално талент шоу. Земете предвид дека тогаш и не постоеше толкава експанзија на социјалните мрежи, значи сме биле кул уште пред Инстаграм. :) Среќна сум и благодарна што бев дел од проектот.


Би било супер да се случи и втора и трета и четврта и осумнаесетта сезона на Македонски Идол. Не би се пријавила повторно, барем не локално, би им оставила простор на нови талентирани ликови. :)

Дали нешто ѝ недостига на Македонската естрада?


Среќна сум што македонската популарна музика се враќа на голема врата. Има многу нова музика, изведувачи, видео записи. Во моментов не би можела да кажам дека нешто недостига. Само напред со ентузијазам и инвентивност!

Ѕвездите од Македонски идол толку пораснаа што веќе основаат семејства. Јана, ти си во брак со Александар и ја имате ќеркичката Дона. Kако е да се биде во улога на мајка и сопруга?

Секој ден носи нов предизвик, особено со родителството. :)


Иван Раденов

Чудно би било доколку победникот на Македонски идол би престанал да се занимава со музика. Иван токму тоа го прави, живее од музиката, но и за музиката, во Белград. Кажи ни малку повеќе за твојата работа и животот надвор од твојата земја?

Живеам во Белград неполни три години. Музиката секогаш била мој прв избор.

Белград е прекрасен, магичен и полн со можности.


Одлуката да дојдам во голем град како што е Белград не беше едноставна, но јас покрај музиката овде најдов и љубов, а тоа многу ми помогна за да донесам ваква одлука. Имам свој бенд ( Double Trouble ) со кој настапувам низ цела Србија, најчесто во Белград, а неретко настапуваме и во соседните земји. Покрај бендот настапувам и соло со мојата акустична гитара, и како дуо со мојот брат.

Со оглед на тоа дека ти беше победникот, верувам дека Македонски идол ти буди само убави спомени. Дали сè уште си во контакт со некој од колегите, ти недостига ли тој период од животот? 

Секако дека сум во контакт, можеби не со сите, и не толку интензивно колку би сакал јас заради оддалеченоста и обврските кои ги имаме. Мислам дека последен пат се слушнав со мојот драг пријател Дејан Јованов кога му се роди син. Пресрекен сум што сме сè уште во контакт, и што делиме радост за така важни животни моменти, па макар и од далечина. Понекогаш сум носталгичен, не често ама се случува.


Во Македонски идол добив прилика да соработувам со врвни музичари, добив критики, совети и насоки од најдобрите, а освен тоа имав шанса да видам одблиску како функционира шоу бизнисот и инстант славата. Од многубројните ветувања, ракувања, сликање и блицеви, до фактот дека во животот можеш да се потпреш само на себе и своите најблиски, и единствено со нив си искрено среќен. Постои убава изрека: кога во животот сè ќе ти тргне лесно, остави мало каменче во обувките да те потсети да не се залеташ повеќе од што треба, за да останеш наземја.

Покрај уживањето во музиката, одвојуваш време и за својата девојка. Кажи ни малку повеќе детали за вашата врска, дали треба да очекуваме официјализирање? 

Не, не, за мојата сакана секогаш имам време, а за сè друго наоѓам време.

Анџела е една млада, талентирана и амбициозна девојка. Исто така и таа се занимава со музика, една од двете вокалистки на „Abba real tribute band“ од Србија. Бендот тукушто настапи пред македонската публика на Винскиот фестивал во Скопје. Таа исто така компонира и свири пиано.


Музиката нè спои, буквално. Можеби утре би ја запросил додека го прави нашето омилено јадење, можеби. Сакаме спонтано да се одвиваат работите, без планирање и датуми. Најважно ми е што нашата врска има јаки темели и заедно делиме исти вредности. Безусловно верува во мене, мудро ме советува и поддржува во сите мои одлуки.

Наталија Данаилова

Наталија, ти си исто така прилично активна на македонската сцена, но и пошироко. Последно те видовме на „Макфест“. Кажи ни каде настапуваш, што подготвуваш следно за твоите фанови?

Настапувам најчесто дома, Богданци, Гевгелија, Валандово. Имам убава соработка и во други градови како што се Берово и Кавадарци. Во овој период, бидејќи живеам во Богданци, не настапувам во Скопје толку често како порано. 


Периодов спремам предновогодишен концерт во Богданци-концертна промоција на својот прв албум „Сé за тебе“, кој е направен со многу љубов, возбудлив проект во соработка со Весна Малинова Бабамова, Кирил Бабамов, Ѓорги Вацев, Дарко Тасев, Филип Динев и Влатко Сапламаев.


Бидејќи Македонски идол не е единствениот „идол“ на кој се имаш натпреварувано, да им откриеме на нашите читатели што е тоа што е различно. Што е она што ти не го виде во „нашиот идол“ и те натера да се пријавиш и на друг?  Какви успеси постигна? 

Искуството на македонскиот идол беше посебно, различно е да настапуваш дома пред својата публика, не дека на бугарскиот и српскиот бев лишена од поддршката, но дома си е дома. ?


Успеси од натпреварувањата се искуствата. Успесите не се бројки, прво, второ место, успесите се љубов, пријателства од кои некои и денес функционираат. Со иста љубов во нас, сите учесници пренесувавме љубов на публиката.


Што прави Наталија друго во животот, која е твојата втора страст? 

Што правам друго во животот... прво живеам, не заборавам да живеам, да се спознавам себеси, патувам, примам и давам љубов, другарувам и пак ќе речам ? пеам.

Денис Мурат

Денис, колку за тебе беше важен Македонски идол?  Дали треба да има втора сезона и зошто? 

Ваков тип на музички шоуа секако дека се важни за македонската естрада, затоа што пријавените кандидати добиваат шанса да го претстават својот талент пред публиката и можат полесно да преминат од анонимуси во професионални музичари. Треба почесто да се одржуваат вакви настани, затоа што естрадата константно бара нови ликови и млада енергија.


Во мојот случај, ми помогна да почнам да размислувам за музиката на малку попрофесионално ниво, затоа што дотогаш бев ориентиран само на клубските настапи. На Идолот работевме и со еминентни музичари и композитори, учевме техники на пеење, однесување на сцената и контакт со публиката.

Што се случува кај тебе на музички план, каде настапуваш, дали сними твои песни? 

По Македонскиот Идол сериозно почнав да ја градам мојата кариера, снимив неколку песни и спотови, настапував на реномирани фестивали во Македонија и надвор од неа, како „Макфест“, „Охрид Фест“, „Златен Кестен“ во Петрич, Бугарија, „Сунчане скале“ каде освојував и награди.


Настапував и по клубовите и дискотеките низ Македонија, промовирајќи ги моите песни, меѓу другото. Моментално, настапувам како посилна половина на дуото „Dis“, кое го формиравме заедно со мојата сопруга, тогаш девојка. Најчесто настапуваме по скопските кафулиња, но и надвор од Скопје.

На малкумина им е познато дека Денис е среќно заљубен, а дури и венчан со својата сакана. Кажи ни малку повеќе за тоа... Како пливаш во брачните води?


Пливам како маратонец! :)) Мислам дека добро се снаоѓам сега засега ? сепак можеби треба неа да ја прашате. И на сцената и дома, функционираме спонтано и опуштено. Едноставно ни се совпаѓаат енергиите. Можеби затоа и ѝ се допаѓаме на публиката. Секако имаме и разбирање еден за друг, во било какви ситуации од секојдневието.

Јулија Јованова

Една од најповлечените финалистки, за која никогаш не излезе никаков скандал... Остана смирена, но доста активна на музички план. Јуле, кажи ни каде настапуваш, кои се твоите планови и цели за во иднина?

Секако дека останав активна, сепак музиката е моја прва љубов, и така ќе остане. Моментално мојот фокус е на акустичните свирки, бидејќи сметам дека на овој начин можам најдобро да ја пренесам емоцијата на секоја песна до публиката. Најчесто настапувам во Скопје, бидејќи поголемиот дел од времето сум тука со работа и обврски, но кога доаѓа викенд е друга приказна па настапувам и во другите градови.


Покрај ова отворена сум и за приватни настапи така што неретко се случува да сум ангажирана за секаков вид на забави. За во иднина секако никогаш не ја исклучувам можноста за некоја нова песна или настап на фестивал.

Какви спомени ти буди Македонски идол? Што мислиш за втора сезона и што би сакала да биде поразлично, доколку има? 

Воглавно убави емоции ме облеваат кога ќе се потсетам на тој период, дружбата меѓу учесниците и целосната екипа која работеше со нас...сите бевме како едно семејство во тој период, а искушението пред секој настап и возбудата за време на објавувањето на резултатите и поддршката која ја имавме од публиката ми недостигаат.

А од друга перспектива и се исчеличивме некако со долгите исцрпни проби, карантинот во кој бевме и утринските тренинзи така што сите ослабевме по некое килце, хаха. Би било добра идеја да се организира втора сезона, па и да продолжи понатаму секоја година, зошто да не.


Тоа би им дало можност на многу млади да го покажат својот талент и би им било една отскочна даска за понатаму, како што беше за мене. Но сето ова ќе е можно само со подобра организираност и посветување на проектот од страна на организаторите.

Како најголем дел од колегите, така и ти си среќно заљубена. Кој е рецептот за успешна врска? 

Па како прво треба да ја имаш правата личност покрај себе, хаха, да има разбирање и компромис, и да има разиграност во врската, да биде интересно. Но, за сето ова да биде можно мислам дека треба прво да си задоволен сам со себе, она што си надвор од врската за да бидеш способен здраво да функционираш во пар и да делиш неизмерна љубов. Ова е само мое гледиште на работите.


Игор Џамбазов

Игор, кажи ни ти какви емоции ти буди Македонски идол осум години подоцна?

Преубави. Тоа навистина беше профи продукција. Со огромна гледаност. Се сеќавам добро дека финалната емисија на Македонски Идол ја гледаше 44% од населението. Толку гледаност кај нас немаше ни финалето на светското првенство во фудбал.

Но, потоа се случи тоа што се случи со телевизијата (А1), и практично сето она што им беше ветено на натпреварувачите, едноставно не можеше да се исполни. Телевизијата ја затворија и сè пропадна. Единствениот човек што се обиде да направи нешто со тие деца беше Директорот на ФОН Универзитетот, господинот Сефер Цановски, но и тој набргу под притисок мораше да го прекине проектот.


Во меѓу време беше жири и во друго македонско музичко шоу. Што беше поразлично од идол?

Да, јас бев член на жирито на телевизиско талент шоу во кое всушност правевме кастинг за мјузиклот Тајно Моја, посветен на нашиот Тоше. И тоа се покажа како добар проект кој си ја исполни својата цел. Но, Идолот е сепак светски бренд. Во различни форми тој сè уште постои во многу земји на сите континенти.

Зошто не направивте втора сезона? Дали би сакал повторно да оживее ова натпреварување и дали би прифатил да бидеш дел од жирито?

Секако дека би сакал. Сè уште тврдам дека ние сме најмузикалната нација на Балканот, па и пошироко. Зарем е потребно нашите деца да одат до Белград или Сараево за да можат да станат тоа што сакаат? Од каде тоа ние испаднавме толку неспособни? Јас тврдам дека не сме. Неспособни се оние кои одлучуваат за тоа. Е, нив им е полесно да го купат секое можно српско талент шоу, ама наше никогаш нема да направат...


Дали можеби Игор ќе биде организатор на втората сезона на Македонски идол?

Тоа сепак ќе им го препуштам на „чичковците“ што имаат многу пари. А јас им стојам на располагање.

Автор: Цеце Николова
Фотографии: Приватна архива



Спонзорирани линкови

Маркетинг