Традиционално во пресрет на почетокот на сезоната на елитниот тениски Tour, пред десет месеци е договорен натпреварот помеѓу Надал и Ѓоковиќ кој треба да се одржи на 22 декември, а местото на настанот е Саудиска Арабија.
Меѓутоа, во меѓувреме настана проблем откако беше убиен новинарот Џамал Кашоги, кој живееше и работеше во САД, а беше познат по јавните критики на режимот на кралското семејство во Саудиска Арабија.
Јавноста го осуди чинот на брутално убиство во Истанбул, а притисокот врз Ѓоковиќ и Надал расте за да го откажат тој натпревар. Меѓутоа, сè уште нема никакви информации што ќе се случи.
"Секако дека сум свесен за ситуацијата, но јас имам договор од пред една година кој морам да го реализирам. Но, мојот тим секако разговара со организаторите. Ја анализираме ситуацијата", рекол Рафаел Надал.
"Ужасно е тоа што еден новинар го изгуби животот. Знам дека во таа амбасада се случи нешто многу лошо. Се надевам ситуацијата ќе стане појасна", порача Надал.
Слични пораки упати и Новак Ѓоковиќ.
"Секогаш се обидувам да останам надвор од политиката. Не сакам да се мешам во било какви политички дискусии и ситуации. Несреќно е тоа што Рафа и јас сме сега вмешани во тоа", рекол Србинот и додаде:
"Отсекогаш се трудев да бидам професионален и да го испочитувам договорот кој сум го потпишал. Мораме да дојдеме до повеќе информации за да ја донесеме конечната одлука за тоа дали треба да отпатуваме таму или не".