Плевнелиев: Македонија беше 10 години пред Бугарија, сега е 10 години зад нас

Макфакс

12/10/2018

14:27

2.244

Големина на фонт

а а а

Поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев смета дека Македонија има единствена историска шанса, која треба да ја искористи бидејќи нова нема да биде пружена во наредните 20 години, пренесе бугарската новинска агенција „БГНЕС“.

Плевнелиев, како што се наведува, смета дека постојат моменти во историјата кога судбината пружа рака која треба да се прифати, а Македонија во моментов е во таква ситуација.

По дискусијата на тема „Бугарија и европската перспектива: Референдумот во Македонија“ во организација на Европскиот совет за надворешна политика со поддршка на Фондацијата, Конард Аденауер, поранешниот бугарски претседател Плевнелиев рече дека ЕУ и НАТО направиле сѐ кога станува збор за Македонија, и слична можност нема да има во следните 20 години.

„Драги пријатели од Македонија, пружете рака едни на други“, е клучната порака што Плевнелиев им ја испрати на граѓаните и политичарите од Македонија.

Според неговите зборови, Македонија пред две децении била десет години пред Бугарија, но поради погрешни политички одлуки сега е најмалку десет години зад Бугарија.

„Сѐ што е добро и направено во Бугарија во последните години е благодарение на членството во ЕУ и НАТО. Од 1999 година до денес, Бугарија има 40 милијарди евра странски инвестиции, покрај сите оние бенефити од нејзините евроатлански интеграции“, додаде Плевнелиев.

Тој смета дека постојат три можни сценарија во процесот за развој на македонската држава. Прво, политичарите да ги усвојат уставните измени и на тој начин да обезбедат јасна перспектива за земјата, а со самото тоа да придонесат кон траен мир во регионот. Второто сценарио е предвремени парламентарни избори кои нема да ја променат ситуацијата во земјата. Третото е Македонија да влезе во целосна изолација, а веројатно и внатрешна дестабилизација.

Директорот на канцеларијата на фондацијата Конард Аденауер во Софија, Торстен Гејслер смета дека неуспешниот референдум во Македонија е целосна победа на Руската Федерација. Тој истовремено верува дека политичкото однесување на ВМРО-ДПМНЕ е многу несериозно.



Спонзорирани линкови

Маркетинг