Лашкоска, Пемова и Ласовска: Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ сплотено ќе гласаат против уставните измени

Макфакс

03/10/2018

18:54

1.756

Големина на фонт

а а а

Пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, по средбата со партискиот лидер Христијан Мицкоски во Собранието, се собраа во еден од рестораните на кејот на Вардар. Пратеничката Весна Пемова во изјава за „Макфакс“ вели дека сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат против уставните промени што ги налага договорот со Грција.

„Сите ќе гласаме против. Единствени сме како никогаш досега“, изјави пратеничката Пемова.

Пратеничката Ане Лашкоска потврди дека попладнево имале средба со Мицкоски и за рече дека тоа е редовна координација. Таа одби да открие за што разговарале. Неофицијално, ставот што партискиот лидер го споделил со пратениците е дека партијата сака да бара формирање техничка влада, која ќе функционира една година, а меѓу неколкуте цели, таа ќе треба да почне нови преговори со Грција. Лашкоска одби да потврди, но не негира.

„Ќе бидете информирани, состанокот на ИК е вечер, не знаеме за што ќе се разговара“, рече Лашкоска на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ би прифатило предвремени парламентарни избори.

Пратеничкатата Благица Ласовска исто така не сакаше да открие за што разговарале со партискиот лидер, а за сплотеноста со колегите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече: „Апсолутно, никој нема да гласа за уставните измени“.


Меѓу присутните пратенички беа Жаклина Пешевска, Весна Дамчевска-Илиевска, Невенка Стаменковска и други. Вечерва, ВМРО-ДПМНЕ има закажано состанок со Извршниот комитет на партијата, на кој ќе се разговара како опозицијата ќе постапува понатаму во однос на уставните промени и евентуалните предвремени парламентарни избори.