Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека го предупредил кралот на Саудиска Арабија, Салман, дека без поддршката од американската војска не би останал на власт ниту две недели.
„Ние ја штитиме Саудиска Арабија. Ќе речете дека се богати. Јас го сакам кралот Салман. Но сепак, му кажав – ве штитиме, можеби нема да бидете ни две недели на власт доколку не е нашата војска, морате да платите за својата војска“, изјавил Трамп на собир во Мисисипи, а пренесе „Ројтерс“.
Како што е објавено, Трамп не прецизирал кога точно му го кажал ова на саудискиот крал, а саудиските медиуми претходно објавија дека Трамп и кралот Салман во саботата разговарале за економскиот раст и стабилноста на нафтениот пазар.