Никола Ефтимов: Ко Чанг е авантура која ме регенерираше

Точка

24/09/2018

10:52

3.666

Големина на фонт

а а а

Од милување со умните животни - слоновите, до пловење со тропски риби, на острово кој нуди „невина “ убавина, Ко Чанг.

Овојпат нурнете во една невообичаена приказна, заедно во авантура на најубавиот остров на Тајланд со еден од најпознатите македонски модни дизајнери со светска слава, Никола Ефтимов, кој со вас читателите на Чекинг, Точка ги споделува своите неверојатни патувања.  

Како се одвива транспортот до Ко Чанг и колку време се патува од Македонија? 

- Најнапред треба да се допатува до Бангкок или некој друг поголем центар во Тајланд. Патувањето до Бангкок се одвива преку некој од европските аеродроми, во овој случај јас летав преку Виена. По кусиот лет до австриската престолнина, следуваше лет до Бангкок кој трае околу 11 часови и половина. На Ко Чанг патував со драгата пријателка и колешка во однос на предавачката работа Алесандра Спадафора, инаку италијански архитект и дизајнерка на ентериери. Од автобускиот терминал Екамаи во Бангкок земавме превоз до Трат. Овој дел од патувањето трае околу 5 часови. Таму преспавме, а утредента заминавме до пристаништето и се качивме на траект. На Ко Чанг пристигнавме во доцните пладневни часови. Од пристаништето со џип дојдовме до финалната дестинација, нашата куќа сместена на една од најубавите плажи на овој остров, позната како „Осамена плажа“. 

Каде е лоциран островот?

- Ко Чанг припаѓа на истоимената област, сместена во близина на Камбоџа. Тоа е втор по големина остров во Тајланд и најголем во источниот дел од земјата.   

Што го прави рај на земјата, за каква креација на природата станува збор?


[Ко Чанг е дел од национален парк, па за среќа заштитени се коралните гребени, џунглата, животните итн.]

- Тропската вегетација, преубавите песочни плажи, планините, помалиот број туристи во однос на најпопуларните тајландски дестинации се дел од причините поради кои овој остров за многумина е вистински рај на земјата. Долго време непознат, првите западни туристи се имаат појавено во седумдесетите години на минатиот век. Сѐ уште постојат дискусии до каде би требало да се оди во однос на развојот на туризмот и заробувањето на земјата со бетон. Дел од луѓето сметаат дека веќе премногу е узурпирано, но за среќа станува збор за голем остров кој во најголемиот дел ја нуди „невината“ убавина.

Што нуди одморот во Ко Чанг?

- Доколку некој сака да ја доживее џунглата, вдомен во сместувалиште обезбедено преку некој од локалните жители (иако веќе постојат и други алтернативи), кристално чистата и топла вода, убавите сенки под палмите, километарските плажи со малку туристи итн, овој остров би можел да биде едно од идеалните места за одмор. Со Алесандра заминавме на одмор да се релаксираме за време на пролетната пауза во семестарот. Во основа, ни требаше мирен одмор со многу капење, убава храна за телото и очите, редовни масажи, гледање во морето и зеленилото итн. Во тој период имавме екстремно динамичен живот и поминати доста дестинации попознати по повисоката туристичка понуда во однос на сместувањето, инфраструктурата итн. Oвој пат сакавме да бидеме што поблиску до природата и надвор од вообичаените приказни. Во тоа и успеавме, ова патување беше вистинска регенерација.


[Покрај вообичаените активности, туристите можат да уживаат во организирани тури по островот, посета на водопадите, нуркање итн.]

Колку е температурата преку ден, ноќ? 

- На островот допатувавме во текот на месец март, за време на т.н. „сува сезона“. Просечните дневни температури во овој дел на годината се 33, а ноќните 23-24 целзиусови степени.  


[Температурата на морето е триесетина степени]

Јаваше ли слон?

- Ко Чанг на Таи значи остров на слоновите (или слоновски остров). Името го има добиено по обликот, но на него и живеат овие животни. Иако постојат организирани тури со слонови, сепак, решив да не ги јавам. Случајните средби со овие преубави и умни животни ги користев за милување. Мислам дека не би ги јавал, освен ако не постои алтернатива во движењето.  

Традиционален специјалиетет?

- Во тој период од мојот живот не бев прејден на веганска исхрана, па конзумирав многу риба, школки, ракови, јастози итн. Она што е фасцинантно не само за Кох Чанг, туку и за Тајланд воопшто е речиси бесконечната низа на рецепти за најразлични специјалитети. И по едногодишен престој во оваа земја, секојдневно откривав некое ново јадење. На островов немаше ден да не јадеме овошје, различни лути супи, јадења подготвени од домаќините на основа на локални тестенини, зеленчук и морски свет, пилешки батаци итн, а вообичаено на вечерите јадевме риба подготвена на жар или пареа, школки од највисок квалитет и дел од дневниот улов, се разбира ориз, нудли и некој од преубавите тајландски сосови.  

Твој совет пред да се оди таму, што треба да се има на ум, а нема да ни го кажат во туристичка агенција?

- Пред секое мое патување се обидувам да добијам што повеќе информации за климатските услови, обичаите, здравствените ризици итн врзани за земјата или областа што сакам да ја посетам. Најчесто имам патувано без туристички агенции, а во однос на Ко Чанг, пред сѐ би предупредил дека покрај вообичаената препорачана здравствена превентива за Тајланд, треба да се зема соодветна антималариска заштита доколку некој сака да патува на овој остров. Притоа, би нагласил да се води сметка за конкретните типови препарати препорачани за оваа дестинација. Од голема полза по ова прашање би можела да биде интернет страната на Светската здравствена организација или препораките што ги добиваат западните туристи. Како и во други делови на Тајланд, корисно е доколку сместувањето не ви нуди заштитни мрежи за спиење, да си набавите сами. Тие се добра заштита не само од комарците, туку и од некои егзотични типови инсекти.  

За да нема проблеми и несакани ситуации во комуникацијата со локалното население, на тие што патуваат во Тајланд за првпат, би им било од корист да прочитаат нешто за вообичаените норми на однесување.

Обичаи, традиција на мештаните?

- Овој остров е слабо населен, има само околу 5000 постојани жители. Кога мојата пријателка ги правеше подготовките за патувањето, се имаше договорено со сопственикот на неколку објекти за сместување и мал ресторан над морето да ни ја даде најубавата куќа. Тој и неколку членови на неговото семејство, освен еден таксист и неколку келнери во други ресторани, беа единствените локални луѓе со кои имавме контакт. Во релаксираната атмосфера ги препознавме дел од вообичаените културни навики и обичаи што ги видовме и во другите делови на Тајланд. Би ги издвоил љубезната, но и дискретна комуникација, насмевките, услужливоста, почитувањето на будистичката традиција, но и инклинираноста кон дел од Хинду традицијата и анимизмот, почитувањето кон кралското семејство итн. Со други зборови, не бевме во можност да сведочиме на некои особености за овој остров, освен дел од практиките во живеењето и комуникацијата што веќе ги имавме видено и во други делови на земјата. Доколку некој сака да види дел од обичаите, можеби е најдобро да замине до некое од рибарските села, сѐ уште незагадени од желбата по секоја цена да се заработи од туристите.  

Во налетот на помасовниот и повисоко позициониран туризам отворени се луксузни објекти за сместување во кои како дел од понудата се даваат можности за рекреирање на традиционалните венчавки и друг тип свечености, но во овие случаи се доведува автентичноста под знак на прашање.

Што научи од ова патување?

- Со Алесандра бевме многу блиски поради заедничката работа и интензивното приватно дружење. Таа знаеше дека дел од мојата авантуристичка природа пред сѐ се реализира во урбаните рамки, а поради заедничките патувања на други места, виде дека не заминувам никаде доколку немам резервација за сместување, дека не спијам на секакви места, имам одредени стандарди во однос на исхраната, превозот итн. Пред да се случи оваа авантура, јас бев на неколкудневно работно патување во Сингапур. Моето отсуство од Тајланд таа го искористи да отпатува на Ко Чанг да види дали ќе најде барем минимум од стандардите што ми се потребни. Кога се вратив во Бангкок пред врата ме чекаше лист од растение со преубави бои, со порака дека не смеам да го пропуштам тоа искуство. Така и решив позитивно да одговорам на предлогот заедно да одиме на одмор на оваа дестинација.  

Патов ме научи, дека покрај сета внимателност, неопходна за патувања особено во вакви зони, да научам да бидам фокусиран, истовремено и претпазлив и отворен за сите сензации што ме опкружуваа. Уште подобро ги совладав лекциите како да бидам присутен во моментот, да се радувам со невиден интензитет на милувањето на топлото море, средбата со тропските риби додека пливав, на сончевите зраци што минуваа ни гранките на палмите, совладав уште некои лекции за медитација, за комуникацијата со неверојатна насмеана леснотија итн.

Можеби најголемата лекција беше свесното и постојано повторување на чувството на благодарност.


[Ефтимов: „Уште подобро ги совладав лекциите како да бидам присутен во моментот“]



Спонзорирани линкови

Маркетинг