Набљудувањето на референдумот од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ започна на 3 септември, со распоредување на 80 долгорочни набљудувачи, кои ги покриваат сите општини во Република Македонија.
МОСТ ја следи работата на Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и активностите на сите субјекти поврзани со претстојниот референдум.
Како што информираат од граѓанската асоцијација, согласно Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, кампањата започна на денот на неговото распишување 30. јули, но активностите на субјектите се интензивирале од 31 август.
Од МОСТ истакнуваат дека анализирале 311 извештаи за кампања и 978 дневни извештаи за настани и случувања во општините, од кои може да се заклучи дека единствениот субјект кој има интензивни активности на терен е коалицијата „Заедно за европска Македонија“.
„Забележани се главно директни средби со граѓаните и повисок интензитет на т.н. кампања врата до врата. Забележан е и значително помал процент на активности на субјекти кои пропагираат граѓаните да не гласаат на референдумот. Во исто време, меѓународни и домашни организации и останати субјекти одржуваат информативни дебати и трибини. МОСТ цени дека овие информативни активности придонесуваат за зголемување на нивото на знаење и информираност на граѓаните“, се наведува во соопштението.
Од МОСТ истакнуваат дека апелот на претседателот на Владата до бизнисмените, финансиски да ги мотивираат вработените во нивните компании да гласаат, е неетички потег кој не треба да биде дел од еден ваков важен процес. Ваквото однесување поставува преседан кој во иднина може да стане составен дел од кампањите и однесувањето на политичарите.
„За поздравување е воведувањето на веб-алатката од Министерството за информатичко општество и администрација која овозможува пријавување притисоци во администрацијата. Особено позитивно е што алатката овозможува анонимно пријавување, што уште повеќе треба да ги охрабри вработените во администрацијата да пријават евентуални притисоци. Во текот на набљудуваниот период не бил пријавен ниту еден случај на оваа веб-алатка“, сметаат од граѓанската асоцијација.
Во однос на новиот состав на ДИК, од МОСТ потсетуваат дека истиот бил избран неспоредно пред распишување на референдумот, со мандат од 6 месеци.
„Претседателот и два члена беа избрани на предлог на опозицијата, додека потпретседателот и три члена на предлог на власта. Во набљудуваниот период ДИК работеше во колегијална атмосфера и сите одлуки ги донесе едногласно, што е за поздравување. Исто така, позитивно се оценува и транспарентноста на работата на ДИК, имајќи предвид дека првпат сите седници се јавни и за првпат се почитува обврската од Изборниот законик за редовно објавување на записниците од седниците на Интернет. Дополнително, ДИК ги одржува седниците во временскиот интервал пропишан со нејзиниот Деловник“ стои во соопштението.
Понатаму се додава дека, при разгледувањето на барањата за изземање од извршување на должност член на ОИК, ДИК прифати едно барање поради службени обврски, иако тоа не е предвидено со Изборниот законик. Оттаму, можеби е потребно да се разгледа можноста за проширување на основите по кои може да се бара изземање од членство во изборните органи. Забележани се и извесни пропусти во прирачникот за едукација на изборната администрација, како и неусогласеност на одредени делови со видео-прирачникот кој го подготви ДИК и кој се користи за обуките на изборната администрација.
МОСТ ја набљудуваше и постапката за дополнување на составот на избирачките одбори во 73 општински изборни комисии. Треба да се нотира дека истата заврши неколку дена по законски предвидениот рок. За првпат изборот не се вршеше паралелно за повеќе општински изборни комисии одеднаш, туку поединечно, што придонесе за зголемување на транспарентноста и можноста за набљудување и контрола на процесот. Генерален заклучок од набљудувањето е дека базата на службеници во администрацијата содржи неажурирани податоци кои го отежнуваат случајниот избор на членови на избирачките одбори. Дополнително се отвора дилемата дали одредени професии како што се на пример лекарите и останатите здравствени работници, коишто не се дел од администрацијата во потесна смисла на зборот, треба да бидат дел од базата од која се избираат членовите на изборните органи. Оттука, МОСТ препорачува да се подобри софтверот и базата за избор на членови на изборните органи, како и да се преиспита начинот на избор и составот на изборните органи.
МОСТ ги охрабрува сите граѓани да се информираат за секој аспект од референдумот, активно да се вклучат во носењето одлуки и својот глас да го дадат согласно нивното лично уверување и волја. Секаков притисок, уцена или заплашување на граѓаните се спротивни на демократските вредности и принципи.
МОСТ исто така ги поттикнува граѓаните да пријават какви било притисоци или нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080-080-080.