Пратениците се најсилниот дел од ВМРО-ДПМНЕ и апсолутно е за почит што својот став решиле да го пренесат на овој начин, вели потпретседателот на партијата, Александар Николоски, во врска со објавите на „Фејсбук“ на некои од пратениците дека ќе гласаат против уставни измени.
„Не мислам дека ставот на пратениците се противи на ставот на претседателот на партијата. Пратениците се најсилниот дел од ВМРО-ДПМНЕ. Тие ја чувствуваат вибрацијата на граѓаните. Тие се во секојдневна комуникација со граѓаните и штом решиле некои од нив вака јавно да го кажат својот став, значи дека тоа е она што го добиваат како вибрација од граѓаните и сакаат да го пренесат и тоа е апсолутно за почит“, рече Николоски на прашање дали оваа акција на пратениците е против ставот на лидерот Мицкоски дека партијата ќе го поддржи процесот ако успее референдумот.
Петнаесетина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку своите фејсбук-профили најавуваат дека нема да гласаат за уставни измени. Меѓу нив се пратениците Влатко Ѓорчев, Ане Лашкоска, Лилјана Затуроска, Павлина Честојнова, Зоран Илиоски, Дафина Стојановска, Димитар Стевананџија, Лилјана Кузмановска, Трајче Димков, Никола Мицевски, Васил Пишев, како и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој, освен ставот дека нема да гласа за уставни измени, додаде и дека ќе го бојкотира референдумот.