СДСМ не му дозволува на Заев да се појави на телевизиско соочување со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ниту отворено да каже што ќе менува во преамбулата во членот 3 и членот 49 од Уставот, што е тоа непријатно за македонскиот народ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ се плаши од споменување Македонци во Република Македонија. Не може да прифати дека Македонци се сите македонски државјани. Тие, Македонците, ја увидоа лагата за погубниот договор за Република Македонија. Зоран Заев и СДСМ договорија бришење на нивниот идентитет и нивно претворање во вештачка нација, во граѓани на Република Северна Македонија, без идентитет“, се наведува во соопштението.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, велат од партијата, секој да постапи според сопственото убедување. Како што додаваат од таму, стравот на СДСМ е токму од тоа убедување и чувства на македонскиот народ, на Македонците, кои ја препознаа капитулацијата прифатена од Заев.