ВМРО-ДПМНЕ нема политичка зрелост, реагира СДСМ

Макфакс

17/09/2018

16:48

1.458

Големина на фонт

а а а

Граѓаните се определија за европска Македонија, ВМРО-ДПМНЕ да излезе од матрицата на поделби и да се вклучи во процесот за ЕУ и НАТО. Ова го порача владејачкиот СДСМ, по обвинувањата што денеска ги изнесе опозицијата на прес-конференција.

„Говорот на ВМРО-ДПМНЕ и начинот на кој оваа партија комуницира со јавноста е уште една потврда за конфузијата и немањето политичка зрелост во редовите на опозициската партија. Не само Македонците, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку сите граѓани без разлика на етничката, национална и верска припадност се суверен на Република Македонија и токму затоа сите граѓани на референдумот на 30 септември имаат еднакво право да одлучуваат за иднината на државата. Референдумот е најсилниот облик на демократско одлучување и волјата на граѓаните мора да биде почитувана од сите“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Владејачката партија праша што е толку непријатно за Христијан Мицкоски, па наместо јасен став, покажува страв да даде директен одговор за најважното прашање во историјата на независна Македонија.