Новинарите бесни на Мицкоски: Да го смени односот и да не се однесува како Груевски

Макфакс

12/09/2018

16:59

2.324

Големина на фонт

а а а

Лидер на опозиција кој претендира да стане премиер бара тв-дуел и обвинува за брутална кампања на медиумите, а нема храброст ниту доблест да се соочи со новинарите – ова се само дел од пораките упатени кон претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој одби да одговори на новинарските прашања на синоќешната прес-конференција.

Дел од новинарите кои до доцна во ноќта беа присутни во партиското седиште реагираат дека Мицкоски со ова покажа комплетно непочитување кон новинарската фела и дека само ја продолжува праксата на претходното раководство на партијата – затворено за јавноста и исплашено да се соочи со претходно ненајавени прашања.

„Односот на Мицкоски е сличен со неговиот претходник, комплетно непочитување, став дека медиумите се под нивна контрола и се во нивна функција, како во годините кога беа на власт, кога ги контролираа и финансираа со буџетски пари, тоа е базично непочитување и комплетно некоректен однос. Мицкоски не се дистанцира од тоа како Груевски се однесуваше кон медиумите, и тоа е поразително. Факт е дека ние имаме обврска да го пренесеме ставот на најголемата опозициска партија, но на крајот на тоа целодневно малтретирање кулминацијата беше некаде пред полноќ кога прес-конференцијата траеше непријатно долго повеќе од 20 минути, а Мицкоски не најде сила да се соочи со медиумите и не остави простор за прашања. Па до кога ние ќе треба да глумиме инки, обични проводници само на ставовите на партијата“, вели новинарката Милка Смилевска.

Со сличен став е и новинарот Горан Трпеноски, кој смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ја научи лекцијата од минатото и новиот лидер Мицкоски треба да почне да го менува односот кон медиумите, бидејќи новинарите не му се непријатели.

„Како лидер на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски мора да има и став и да го почитува времето на новинарите. Лидер кој претендира за премиер, кој треба да води 400.000 илјади граѓани треба да има чувство за медиумите, без разлика кој како известува. Да не бевме ние, новинарит,е таму, да го бојкотиравме, тој немаше да ја испрати својата порака. Вели дека медиумите имаат брутална кампања, бара дуел, а нема став. Мора да се одвикнат од минатото, да ги избегнуваат новинарите, да не одговараат на новинарски прашања, да нè држат со часови. Засега, се чини, ја немааат научено лекцијата. Се надевеам дека и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе ја сменат стратегијата, новинарите не им се непријатели, новинарите многу претрпеа претходно, имаше притисоци, јавувања, повеќе од илјада без работа, ние мора да видиме дека ова не е старото ВМРО-ДПМНЕ. Ако сакаат да се модернизираат, нека градат мостови со новинарите, ние не сме им непритјатели“, вели Трпеноски.

На вчерашната прес-конференција, која се одржа еден час пред полноќ, по завршувањето на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски одржа говор од 18 минути на кој меѓу другото кажа дека ќе остават граѓаните по сопствено убедување да одлучат за референдумот. Откако го исчита напишаниот говор, Мицкоски замина од говорницата со образложение дека прес-конференцијата била обемна и дека во наредните денови ќе одговори на новинарските прашања. Денеска Мицкоски, далеку од новинарите и медиумите, напиша статус на „Фејсбук“ дека неговото мислење за бојкотот ќе го каже на крајот на евентуалниот тв-дуел со премиерот Заев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг