Власта го забрза изборот на ДИК, бара изборни измени со ЕУ знаменце

Макфакс

17/07/2018

14:54

1.192

Големина на фонт

а а а

Предлогот кој Владата го достави до Собранието за измени на изборниот законик е со европско знаменце, а во образложението се наведува дека целта е да се деблокира процесот за избор на ДИК.

Владата предлага ДИК да се избира со апсолутно мнозинство наместо со двотретинско како досега. Дополнително, со предложените измени се брише членот каде што е предвидено дека Комисијата за избори и именувања доставува листа од пријавените кандидати за членови и претседател на ДИК.

Во дел од образложението од Владата повикуваат и на мислење од Венециската комисија за деблокирање на демокатските процеси.

„Венециската комисија во бројни свои анализи и мислења го опфаќа и овој проблем поврзан со нефункционалноста на институциите. Таа јасно и недвосмислено наведува дека потребата од избор или именување членови на некое тело и/или носители на функции со квалификувано мнозинство не смее да се претвори во контрапродуктивен инструмент за блокирање на процесите за формирање на клучните институции во системот. Ова затоа што „Институциите кои не можат да функционираат не ја остваруваат нивната уставна цел и ја поткопуваат демократијата“ . Па така е клучно да постојат механизми за откочување и надминување на ваквите блокади (anti-deadlock mechanisms) со цел нормално одвивање на политичките процеси во еден политички систем“, стои во образложението.

Предлогот за измени на изборниот законик веќе е ставен на дневен ред во Собранието, на што реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, дека не биле консултирани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг