Ви реков дека ќе падне режимот? Падна режимот? Рековме дека ќе бидеме 30. членка на НАТО? Станавме 30. членка на НАТО. Пенкалото нè движи сите нас. Со пенкало бутнавме режим и со пенкало добивме кандидатски статус. Ни под точка разно не размислувам дека нема да успее референдумот, одговори премиерот Зоран Заев на новинарско прашање што ако референдумот за промена на името не успее.
Заев од Брисел, откако ја прими поканата од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека вербата во договорот со Грција е вербата која им дава сила и убедување дека ќе успеат процесите кои следуваат. „Убеден сум и дека сите политички фактори се за интеграција во НАТО и ЕУ и сите тие сакаат унапредување на соработката со соседите“, рече Заев.
Тој повтори дека е убеден дека огромно мнозинство ќе излезе на референдумот и дека ќе биде исполнет цензусот. Исто така, кажа дека и Грците ќе го поддржат договорот. „Верувам и дека Грција ќе го заврши својот дел од договорот. Правиме голем чекор и Грција прави голем чекор. Договорот е правичен и знам дека ќе донесе само бенефит, прогрес и просперитет и за двете земји и за нивните граѓани. Убеден сум дека не ни требаат 5 или 10 години туку за неколку меесеци граѓаните ќе почувствуваат корист од договорот“, рече Заев.
Претходно, Столтенберг, заедно со поканата за членство во НАТО која му ја врачи на претседателот на Владата, Зоран Заев, симболично му подари и пенкало.
Откако се фотографираа со поканата, Заев го бакна подареното пенкало.
За време на свечената церемонија генералниот секретар на НАТО истакна дека по завршувањето на внатрешните процедури и ратификување на договорот, Македонија ќе седи на иста маса со сојузниците.