Угриновски: Го доставивме законот за амнестија до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ – на потег е Мицкоски

Макфакс

09/07/2018

16:40

1.376

Големина на фонт

а а а

Единствена Македонија до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија, по скратена постапка.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе изготват закон за амнестија за настаните од 27 април минатата година. Го потсетуваме Мицковски дека нема потреба од такво нешто, бидејќи веќе постои готов закон за амнестија изготвен од Единствена Македонија. Овој закон на три пати го поднесуваме во Собранието, а Талат Џафери на три пати ни го враќа поради лична суета и нервоза бидејќи има фуснота во која пишува дека Единствена Македонија не го признава Талат Џафери за претседател на Собранието се до одлуката на Уставниот суд за неговиот нелегален избор“ изјави Драган Угриновски член на Извршниот комитет на Единствена Македонија и претседател на МПЗ Тврдокорни.

Како што вели Угриновски, Талат Џафери го кршел Уставот и Деловникот на Собранието, бидејќи ја кочел нивната иницијатива за амнестија поради, како што рече, лична суета и нервоза. Според Угриновски, Џафери не го доставува предлог-законот до пратениците, иако согласно Деловникот е должен во рок од три дена да го достави до сите пратеници и за тоа да ги извести, како подносители на законот со што започнува законодавната постапка.

„Затоа, денеска во Собранието го доставуваме Предлог-закон за амнестија и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи пратениците согласно Уставот и Деловникот на Собранието се овластени предлагачи на закон. Очекуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја започнат законодавната постапка во Собранието бидејќи Деловникот тоа го дозволува на секој пратеник, се разбира, доколку Мицковски е искрен кога вели дека се залага за амнестија на нашите браќа Македонци и сестри Македонки кои гнијат во занданите на Шутка.

Очекуваме законот да биде изгласан од сите пратеници, очекуваме од пратениците и нивните лидери да покажат државнички капацитет и силно лидерство со кое ќе го израдуваат народот и ќе дојде до надминување на поделеноста меѓу граѓаните и партиите.

Доколку повеќе, граѓаните на 27 април во собранието влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок, а не да нападнат конкретни лица, и било кој да беше на местото на нападнатите ќе се случеше истото, бидејќи, претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок.

Ова добива на тежина ако се знае дека на своевиден начин е потврдено при давањето на мандатот на Заев, бидејќи претседателот Иванов бараше гаранции токму за она за што сега се водат постапки со што и претседателот ја потврди општествената опасност.

Со законот се бара целосно ослободување од кривичен погон и запирање на постапките поради несправедливоста и апсурдноста да се гонат уставобранителите кои влегоа во Собранието на 27 април со силна верба во одбраната на уставниот поредок.