Заев се консултира со Грција за референдумот за името, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

07/07/2018

15:07

1.741

Големина на фонт

а а а

Очигледно Зоран Заев мораше да се консултира со Грција дали и со какво прашање да застане пред македонските граѓани, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Македонскиот премиер за своите одлуки или дилеми прво се обраќа пред грчката јавност! Тоа е зајакнатиот Зоранов идентитет, велат од опозицикста партија.

- Ваквото однесување на Заев е срамно и антидржавно! За највисоките државни и национални интереси граѓаните да разбираат преку грчка национална телевизија, откако прво ќе го слушнат грчките државјани. Тоа е недостојно за премиер на Република Македонија. Дали тоа Зоран Заев се консултираше со неговите нови пријатели преку границата што да го праша македонскиот народ на референдум?

„Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“ Или „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, рече портпаролот на на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Стоилковски додаде дека прашањата сами по себе се манипулација и ја поистоветуваат определбата за членство во ЕУ и во НАТО со срамниот договор што го прифати Заев и ги повика граѓаните да ги поддржат на утрешните протести во Струмица.