Илон Маск со можни решенија: Американскиот магнат испраќа свои инженери за да помогнат во спасувањето на момчињата во Тајланд

Точка

07/07/2018

15:14

7.177

Големина на фонт

а а а

Технолошкиот титан Илон Маск испраќа инженери од двете негови компании со цел да ѝ помогнат на Тајландската влада во спасувањето на 12-те деца и нивниот фудбалски тренер кои се заглавени во пештера веќе две недели.

“Инженери од Space X & Boring Co се упатија кон Тајланд со цел да видиме дали можеме да ѝ помогнеме на владата во спасувањето”, напишал Маск на својот Твитер профил. 

Маск вели дека технологијата на неговата компанија “Boring Co” може да помогне во спасувачката мисија поради тоа што е добра во копање дупки и поседува напреден пробивен радар.

Исто така, тој предложил решение да се вметне најлонска цевка во пештерата која потоа би се надувала, со цел да се создаде подводен воздушен тунел.

Децата биле пријавени како исчезнати на 23-ти јуни откако влегле во пештерата Там Луанг по фудбалскиот тренинг и оттогаш им се губи секаква трага. Наскоро било утврдено дека поради обилниот дожд, нивото на водата се подигнало со што им се блокирал излезот. Во спасувачката мисија која брои околу 1000 лица се приклучиле и интернационални експерти.

На 2-ри јули, нуркачите ги лоцирале децата на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер, на површина опколена со вода, и ги снабдиле со вода, храна и лекови.

Сè уште не се познати деталите како спасувачите ќе продолжат да ги снабдуваат децата со храна и вода, особено по вчерашната вест за поранешниот маринец кој се удави откако изгубил свест во еден од пештерските премини.

Спасувачите досега извадиле над 30 милиони галони вода, а целосното отстранување на водата би помогнало во спасување на децата, но ваквата постапка е отежнета поради дождливата сезона во Тајланд.

Како други опции се напоменуваат и бушење на дупка во земјата до пештерата со цел да се отстрани водата, а потоа со помош на нуркачка опрема да се извадат децата, но ваквата опција се смета за најопасна бидејќи момчињата не знаат да пливаат и не се обучени нуркачи.

Маск на Твитер започнал разговор со Џејмс Јенбамрунг, извршен директор на тајландската компанија “mu Space” за можните решенија, но сè уште е рано да се зборува како спасувачкиот тим ќе одлучи да продолжи понатаму.

Според временските прогнози, во Тајланд се очекуваат поројни дождови во следните денови, почнувајќи од денеска па сè до 12-ти јули.



Спонзорирани линкови

Маркетинг