Граѓаните наместо лично од Заев, вчера го дознаа референдумското прашање од грчката национална телевизија, реагира опозицијата.
„Недозволиво е граѓаните да се информираат од странски медиуми за состојбите во сопствената земја. Ова е уште едно во низата потценувања на Македонија приредено лично од човекот кој ја извршува функцијата премиер“, смета ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, Заев во интервјуто кажал дека прифатил обезличување на Македонија со решение кое ќе има „ерга омнес“ употреба за да ги задоволи грчките националистички апетити.
„Зоран Заев сам, само за да ги задоволи грчките националисти прифати промена на Уставот, јазикот и идентитетот на државата и народот. Заев се откажа од целата историја, се одрече од Македонците во Егејска Македонија и прифати грцизирање на топонимите на местата во истата. За разлика од Бугарите и Србите, поради Заев ние наместо Солун, градот ќе го нарекуваме Тесалоники. Исто така и останатите населени места ќе мора да ги ословуваме со нивните грчки имиња. Иако тоа не важи за другите, заради Заев ќе важи за нас“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија уште еднаш ги повика граѓаните да се придружат во недела на протестниот марш во Струмица, со почеток во 13 часот во градскиот парк.