Зоран Заев избра коалиција со криминалот, наместени тендери и корупција. Тој ја злоупотребува функцијата премиер, за да лаже во име на Република Македонија, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавата на премиерот во текот на конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“.
„Економијата повеќе од една година тоне. Во Република Македонија нема одржлив развој и економски раст, нема обезбедени работни места, социјален прогрес, заштитена животна средина. Во земјата владее криминал и корупцијата преку обезбедена заштита од репресираното судство. Врвот на таа корупција е во владата, кај премиерот и неговиот клан. Во Република Македонија нема демократија, нема еднаквост, нема владеење на правото. И токму затоа Република Македонија, и покрај личниот капитулантски договор на Зоран Заев, не доби датум за отпочнување преговори“, се наведува во партиското соопштение.
Од опозициската партија истакнуваат дека Зоран Заев е човекот кој прифатил промена на Уставот, јазикот и идентитетот.
„Бесрамното лажење на Зоран Заев не застанува тука. Повторно и денеска вели дека ‘Знаеле како’ до Европа. Зоран Заев и неговата свита единствено што знаат е да ги распродадат националните и државни интереси претставувајќи ги како единствен спас за Македонија и Македонците. Граѓаните видоа дека Зоран Заев лаже. Граѓаните не му веруваат на Заев. Тој мора да си замине за Македонија да победи“, стои во соопштението.