Според многумина, ТВ серијата "Breaking Bad" е една од најдобрите серии на сите времиња, а од почетокот на нејзиното прикажување поминаа веќе 10 години.
Првата сезона на серијата започна со емитување на 20-ти јануари 2008 година, а "Entertainment Weekly" за јубилејната годишнина ја собра целата постава со цел да ги развесели обожавателите на серијата.
"Тоа беше најдоброто сценарио кое некогаш сум го прочитал, но никаде во пилотот не пишуваше дека патувањето ќе отиде толку далеку", изјавил Брајан Кренстон кој дотогаш беше познат по татковската улога во комичната серија "Malcolm In The Middle", а потоа со својата трансформација ги воодушеви поклониците на добрата телевизија.
"Приказната се уште трае за мене", изјавил Боб Оденкирк кој во "Breaking Bad" се појавува во улога на адвокатот Сол, а моментално глуми во серијата "Better Call Saul" каде се појавуваат и некои други ликови вклучувајќи го и Џонатан Бенкс односно Мајк Ермантрот.
Обожавателите биле посебно изненадени од Џанкарло Еспосито односно Густаво Фринг кој има нов изглед односно подолга коса.
По десет години, "Breaking Bad" има рејтинг од 9,5 на популарната страница "IMDb", што ја прави една од најдобро оценетите серии на сите времиња.