Моторџиите го убедија Шилегов засега да не им наплаќа паркинг

Макфакс

01/07/2018

14:25

2.046

Големина на фонт

а а а

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, денеска се сретна со претставници на поголем број мото-клубови од Скопје, со кои разговараше за најавената одлука за регулирање на паркирањето за моторите.

Како што информираат од Градот, Шилегов ги образложил причините за ваквата потреба, со која, како што рекол, ќе им се овозможи на мотоциклистите, своите мотори безбедно да ги остават на паркинзите.

„Нашиот предлог е првата година оваа услуга да биде бесплатна, со цел да се изгради соодветна инфраструктура за паркирање, а потоа паркирањето на мотор за еден час да биде од 5 до 7 денари. Паркирањето на моторите кои се под 50 кубни сантиметри зафатнина, ќе биде бесплатно“, нагласил Шилегов.

Членовите на мото-клубовите, пак, ги образложиле своите причини зошто сметаат дека ваква одлука не треба да биде донесена.

За изнаоѓање на решение, Шилегов и мото-клубовите се согласиле да формираат заедничка работна група која првиот состанок ќе го има веќе утре. На неа ќе се дискутира и ќе се утврдат одлуки коишто ќе бидат во насока на регулирање на оваа област, зголемување на безбедноста и регулирање на сообраќајот, како и заштита на интересите на граѓаните во Скопје.

Градоначалникот Шилегов потенцирал дека ниту една одлука Градот Скопје нема да ја донесе нагло и истата ќе биде базирана на повеќе анализи и компарации.



Спонзорирани линкови

Маркетинг