Уапсен извршниот директор на Ауди: Полицијата го испрашува поради скандалот со дизел моторите!

Точка

18/06/2018

14:25

8.708

Големина на фонт

а а а

Германскиот автомобилски гигант Ауди се најде во центарот на скандалот околу емисијата на штетните гасови, откако претходно истиот скандал го погоди и Фолксваген.

Руперт Штадлер, извршниот директор на германскиот производител Ауди е уапсен, а оваа информација ја потврдија и од главната компанија на целата групација – Фолксваген.

„Потврдуваме дека господинот Штадлер утринава е уапсен. Во тек е сослушување на кое што ќе биде утврдено дали ќе биде задржен“, соопштија од Фолксваген.

Да потсетиме, моделите на Ауди се погодени со скандалот околу манипулирањето со емисијата на штетни гасови кај моторите на погон на дизел гориво, а тој скандал наречен „Дизелгејт“ го погоди и Фолксваген.


Минатиот месец од Ауди признаа дека дополнителни 60 илјади модели на А6 и А7 со дизел мотори, имаат проблеми со емисијата на штетни гасови. Тоа е само додадок на 850 илјадите модели повлечени минатата година, од кои што на мал дел беа направени промени.

Скандалот „Дизелгејт“ изби во септември 2015-та година, кога американските власти открија дека во автомобилите на Фолксваген е инсталиран софтвер кој што на тестирањата прикажува лажни податоци за количината на испуштени штетни гасови на дизел моторите. Од Фолксваген признаа дека на над 600 илјади автомобили им бил вграден контроверзниот софтвер.


Се претпоставува дека на над 11 милиони автомобили ширум светот бил инсталиран софтверот кој што на тестирањата, се прилагодува така што прикажува далеку помала емисија на штетни гасови во атмосферата, додека во реалноста е сосема поинаку.

На отворен пат, додека тестирањето не е во тек, било откриено дека емисијата на штетни гасови е далеку поголема – до 40 пати полоша од емисијата регистрирана во лабораториски услови.



Спонзорирани линкови

Маркетинг