Салвини прогласил победа бидејќи Шпанија ги прифатила мигрантите: Ова е знак дека нешто се менува!

Точка

11/06/2018

19:16

2.830

Големина на фонт

а а а

Министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини, денес прогласил победа бидејќи Шпанија објавила дека ќе го прифати бродот со мигранти на кој Италија и Малта не му дозволиле пристап и ги предупредил другите бродови на невладините организации дека ризикуваат да им се случи истата работа.

Салвини, лидерот на крајната десничарска Лига за север, на Твитер со големи букви напишал "ПОБЕДА", по дводневната криза во Средоземното море кај брегот на Либија, околу судбината на 629 мигранти на блокираниот брод "Аквариус", кој го изнајмила една француска невладина организација. 

Шпанската социјалистичка влада соопштила денес дека е подготвена да го прими бродот "Аквариус" во Валенсија.

"Колку што се сеќавам, тоа е прв пат некој брод со мигранти од Либија да се истовари на некое друго, а не на италијанско пристаниште, тоа е знак дека нешто се менува", им рекол Салвини на новинарите во Милано.

Италија смета дека нејзините партнери во Европската унија ја оставиле сама да управува со мигрантската криза без нивна помош, и Салвини го поздравил тоа што се отворил фронт во Европа по тој проблем.

Новиот италијански министер за внатрешни работи, кој дошол на власт пред нешто повеќе од една недела со антисистемското Движење пет ѕвезди, ветил дека ќе го прекине приливот на мигранти во Италија и ќе ги протера илегалните мигранти.

Откако го поздравил резултатот од спорот меѓу Италија и Малта, која исто така одбила да му дозволи на бродот да се истовари, Салвини ги предупредил бродовите на невладините организации кои им помагаат на мигрантите кај либискиот брег, дека ќе се соочат со истата ситуација.

"Сакам да ја прекинам оваа трговија со луѓе", рекол Салвини и додал дека проблемот ќе биде ист за сите бродови кои го следат примерот на "Аквариус".




Спонзорирани линкови

Маркетинг