Мицкоски: Секој втор збор на Владата е лага

Макфакс

08/06/2018

10:36

769

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчеравечер имаше средба со граѓани во Куманово. Во своето обраќање, тој посочи дека во моментов владее политичка Влада која секој втор збор што го кажува лаже. Според него, единствено што добија граѓаните се разочарувања и неисполнети ветувања.

„Го слушам Зоран Заев како гордо им кажува на граѓаните да не се плашат ќе го наполни буџетот и ќе обезбеди 3,2% раст, а токму денес излезе податокот за растот на БДП во првиот квартал и тој е еднаков на 0,1%. Имајќи ги предвид капацитетите и нивната креативна моќ за лажење и ова 0,1% не е за верување, можеби бил негативен па морале да го штелуваат“, истакна Мицкоски.

Во врска со изјавите на Заев дека одлична е наплатата на ДДВ и персонален данок, потенцираше дека тоа е заради странската инвестиција која што ја донесе владата на ВМРО-ДПМНЕ, „Џонсон Мети“ и која оваа година во буџетот на Република Македонија откако им заврши десетгодишниот договор за повластени даночни стапки уплати повеќе 30 милиони евра, пари кои ќе помогнат граѓаните да земаат плати и пензии.

„Сите се сеќаваме како Заев и таа армадила неспособници околу него така силно ги напаѓаа странските инвестиции. Сега е јасно дека зошто. Во странските компании се напредува по мерит систем секој оној кој што вреди, ќе даде максимум, кој што поседува знаење и техники ќе напредува. Тоа на Евро Заев му е непозната равенка, тој е навикнат на тендери, на хектари земјишта, на плантажи со марихуана и камионите од неговата семејна фирма“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ цело лето, есен и зима ќе биде на средби со граѓаните низ цела Македонија и слушајќи ги нивните барања ќе се добие програма која ќе ги реши вистинските проблеми на граѓаните.