Црвен аларм на Хаваи: Вулканот исфрла лава и проектили од карпи, отровен облак се издигна над големиот остров

Точка

17/05/2018

15:23

5.310

Големина на фонт

а а а

На хавајскиот Голем остров е прогласен црвен аларм за авио-сообраќајот поради огромниот облак на пепел од вулканот Килауеа.

Откако вулканот повторно се активираше, денес било забележано дури и исфрлање на карпи како „проектили“, лавата повторно е закана за домаќинствата, а островот е погоден од низа на земјотреси од кои најсилниот бил 4,4 степени по Рихтер.

Потресите ги оштетиле патиштата и зградите на Големиот остров, а вулканот исфрла карпи со пречник и до 60 сантиметри во околината.


Како што соопштија од Хавајската опсерваторија за вулкани, станува збор за „најсилните експлозии кои што досега се забележани и истите можат да најават низа на нови експлозивни активности“.

Токсичен облак се издигнал на околу 3 километри, ширејќи ја прашината наоколу. Надреално изгледаат сцените на кои што се гледа како луѓето играат голф, додека во позадина се издига голем облак како да експлодирала нуклеарна бомба.


Утринава бил забележан и најсилниот земјотрес досега со јачина од 4,4 степени по Рихтер, а експертите предупредуваат дека потресите можат да предизвикаат и одрони на земјиштето, како и да отворат подземни тунели од каде што лавата ќе излезе на површината.

Дното на кратерот опаднало за 90 сантиметри, пренесува новинската агенција „АП“, нагласувајќи дека постои реална опасност од силни експлозивни ерупции на врвот од вулканот. Од кратерот повремено избива пепел кој поради ветерот целосно има прекриено неколку села.


Научниците сега стравуваат од можни уште поголеми активности на вулканот. Геолозите предупредуваат дека и во следните денови од небото можно е да паѓаат огромни карпи, па затоа е наредена итна евакуација на населението.

Поради опасните гасови кои што се испуштаат од вулканот, тамошните власти издале предупредување за населението кое што живее во близина.




Спонзорирани линкови

Маркетинг