Во намера да го изолира Иран, Доналд Трамп со излегувањето од нуклеарниот договор со Иран ја изолирал Америка.
Имено, Обединетите Нации, Европската унија, Кина и Русија изразиле жалење и загриженост поради американската одлука за повлекувањето кое единствено ги израдувало Израел и Саудиска Арабија, кои цело време лобирале за тоа, секој на свој начин - Израел преку зетот на Трамп, Џеред Кушнер, а Саудиска Арабија со купување на американско оружје и инвестиции од околу 450 милијарди долари.
Доналд Трамп до последен момент верувал дека поддршка ќе му даде и вечниот сојузник Велика Британија, меѓутоа таа овој пат му го свртела грбот. Велика Британија, како и останатите потписнички на договорот, Франција, Кина, Германија и Русија, останале доследни на потпишаниот договор и не сакаат да излезат од него.
Во своето обраќање до нацијата Доналд Трамп не дал аргументи за недостатоците во нуклеарниот договор, туку само рекол дека е "толку лош што Иран би можел да се врати во производството на нуклеарно оружје многу брзо по раскинувањето на договорот, а дури и ако целосно го почитувале, тој договор не прави ништо да ја спречи иранската поддршка за тероризмот".
Дека неговата аргументација за излегувањето од договорот е многу тенка, зборува и фактот што навел дека "нуклеарниот договор со Иран не ги ограничил иранските активности во Сирија, Ирак и на други места", што нема врска со потпишаниот нуклеарен договор.
Дека претседателот на САД на ја познава разликата меѓу милитантните групи на Блискиот исток, докажува и неговата изјава дека "иранскиот режим е главен државен спонзор на тероризмот и го поддржува палестински Хамас, либански Хезболах, талибаните и Ал Каеда".
Ако претседателот Трамп прочитал некој текст за џихадистичките групи, би сфатил дека Иран, кој навистина ги финансира Хезболах, Хамас и Хутите во Јемен, не може да биде спонзор на авганистанските талибани и Ал Каеда. Бидејќи, освен идеолошките разлики, иранската Револуционерна гарда и либански Хезболах во Ирак и Сирија воделе и водат крвави битки токму против припадниците на Ал Каеда, кои се финансирани токму од најголемиот американски сојузник на Блискиот исток, Саудика Арабија.
Врховниот лидер на Иран, ајтолахот Али Хаменеј, рекол дека Трамп во својот говор "кажал најмалку десет лаги" и дека секој што ќе му се закани на иранскиот народ ќе "изгуби", обраќајќи му се директно со зборовите: "Трамп, ти ќе умреш и ќе те изеде земјата и црвите, а Иран и неговиот народ ќе опстанат".
Од друга страна, иранскиот претседател Хасан Рохани, кој важи за умерен политичар, рекол дека Иран ќе остане дел од меѓународниот нуклеарен договор, но предупредил дека неговата земја би можела да ги отфрли ограничувањата на кои се согласила во врска со своите активности за збогатување ураниум. На почетокот на седницата во иранскиот парламент, пратениците го запалиле американското знаме и копија од договорот извикувајќи "Смрт за Америка".