Иранските власти сметаат дека лидерите на западноевропските земји немаат моќ да го спасат иранскиот нуклеарен договор кој што практично е пред целосен распад.
„Европските земји не можат да го спасат нуклеарниот договор со Иран после одлуката на САД да се повлечат од договорот“, изјави заменик шефот на елитната иранска Револуционерна гарда, бригадниот генерал Хосеин Салами.
„Европа не може независно да се однесува во врска со нуклеарниот договор“, изјави Салами после најавите на челниците на Велика Британија, Франција и Германија дека тие и во иднина ќе се придржуваат до потпишаното во иранскиот нуклеарен договор.
„Иранските непријатели не бараат воена конфронтација, тие сакаат да ја притискаат нашата земја со економска изолација. Отпорот е единствениот начин да им се спротиставиме на овие непријатели, а не дипломатијата“, изјави заменик шефот на иранската Револуционерна гарда.
Иранскиот претседател Хасан Рухани изјави дека Иран ќе остане верен на нуклеарниот договор потпишан во 2015-та година и покрај одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го напушти.
Исто така, Хасан Рухани нагласи дека Европа има „ограничени можности“ да го заштити тој договор.
Трамп во вторникот ги оствари своие закани и порача дека ќе ги активира американските економски санкции против Иран. Американскиот претседател најави дека ќе следува казна за сите компании кои што ќе соработуваат со Техеран.