Саудиска Арабија се заканува со развој на нуклеарен арсенал

Макфакс

10/05/2018

10:03

803

Големина на фонт

а а а

Саудиска Арабија ќе развива сопствен нуклеарен арсенал, ако тоа го направи Иран, предупреди министерот за надворешни работи во земјата, Адел ал-Џубеир.

Изјавата следи во време кога расте напнатоста во регионот, бидејќи американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека Соединетите Американски држави се повлекуваат од нуклеарниот договор со Иран.

На прашањето на американскиот канал, Си-Ен-Ен за можноста Ријад да изработи свои бомби доколку Техеран го искористи американското повлекување од договорот од 2015-та година, за да продолжи да ја развива нуклеарната програма, Џубеир рече дека во тој случај неговата земја ќе направи се за да стекне нуклеарен капацитет.

Ова не е прв пат, официјален Ријад да најави дека ќе покрене своја нуклеарна програма бидејќи во март на оваа можност предупреди и престолонаследникот, Мохамед бин Салман.

Саудиска Арабија, земјата на сунитскиот ислам е заколнат непријател на шиитскиот Иран и двете земји се борат на различни страни во војните во Сирија, Либан и Јемен.

Саудискиот шеф на дипломатијата го обвини Техеран дека извлекува корист од приходите што ги остварил по уникнувањето на санкциите и дека со тие средства го дестабилизира регионот.