Лична работа на Заев е желбата да сака да му помогне и да се грижи за семејството на Џезаир Шакири, односно Командант Хоџа. Двајцата делат иста идеологија и исти вредности. Сепак, тоа што се политички истомисленици и постигнале некаков меѓусебен договор не му дава право на Заев да го вработува на висока функција во Владата и да го плаќа со пари на граѓаните, се вели во видеообраќањето на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, сè уште немаме одговор на прашањето кој го заробил и кој го ослободил Танушевци и зошто, доколку било така, надлежните органи не реагирале и не ја известиле јавноста. И суштинската дилема останува – доколку некој се осмели да направи некое незаконско дело, нападне полиција или нешто слично, наместо да биде санкциониран, добива место во Владата. Ова е случај каде што се рушат вредности, а преседанот станува правило.
„Предупредувам дека е исклучително опасно ваков човек да биде поставен на толку висока и чувствителна функција. Човекот е на американската црна листа, а сега треба да добива информации што се државна тајна и да советува за безбедноста. Го повикувам премиерот Зоран Заев да го раскине договорот за вработување на Џезаир Шакири во Владата и доколку толку многу сака да му помогне, можеби е добро да го вработи во својата семејна компанија ‘Тотал инженеринг’. Убеден сум дека чесните граѓани на Македонија не би сакале да финансираат некој што се заканувал и велел дека доколку има оружје, Македонците ќе ги протера од овие простори. Воедно, предупредувам дека одговорност мора да се понесе и не толку далеку од сега, ќе мора да дадат одговори за ваквото деструктивно однесување“, се вели во видеообраќањето на лидерот на опозициската партија.