Трпеноска: Имам лична мотивација за кандидатурата на чело на Адвокатската комора

Макфакс

30/04/2018

21:42

3.370

Големина на фонт

а а а

Адвокатката Наташа Трпеноска Tренчевска е една од двајцата кандидати кои викендов ќе ја побараат довербата од колегите за избор на прв човек на Адвокатската комора на Македонија, покрај поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски – Џанго.

Таа е ќерка на долгогодишниот јавен обвинител и адвокат, Јован Трпеноски, ѝ e дел од дваесет и петгодишното адвокатско друштво „Трпеноски“. Од неколкуте нејзини јавни настапи и објави на социјалните мрежи може да се забележи дека реагирала за работата на Обвинителството и одлуки во судството.

За „Макфакс“ Трпеноска вели дека не е секогаш предност да си дете на врвен стручњак во професијата. „Свесен е дека адвокатурата е мојата трајна ориентација и затоа силно ме поддржува“, раскажува Трпеноска.

Адвокатската комора од основањето досега не била водена од жена. Трпеноска за „Макфакс“ вели дека тоа би била значајна промена во позитивен правец: „Имам и лична мотивација. Сакам да испратам порака кон девојчињата кои имаат афинитет кон правото и својата кариера ја гледаат во адвокатурата дека имаат подеднакво право и можност со момчињата да бираат и да бидат избрани“.

На прашање како ја оценува досегашната работа на претседателот на АКМ, Никола Додевски, кој со години беше личен адвокат на експремиерот Никола Груевски, таа e штедлива во квалификацијата. Одговори дека веројатно сторил сè што можел во условите во кои се наоѓал. Но, вели дека не била на негово место и не во такво опкружување.

Нејзината идеја за правецот во кој треба да се движи адвокатурата во Македонија е, како што вели, подигање на свеста за уставната положба на адвокатурата кај сите колеги, особено кај младите колеги и колегите од помалите градови кои имаат голем потенцијал.

Доколку ја добие довербата од колегите таа вели дека ќе се залага за зголемување на надлежноста на адвокатите со интервенција во материјалните закони. „Соработка со сите институции пред кои адвокатите ја извршуваат својата дејност, ревизија и измени на актите на Комората со цел подобро функционирање, конкретизирање на правата и обврските на адвокатите, подигање на моралните и етичките вредности, интеракција со членството, детектирање на проблемите со кои се соочуваат и помош…“, вели Трпеноска за „Макфакс“.

Во врска со новиот предлог-закон за нотаријат, кој ги спротивстави ставовите на адвокатите и нотарите, Трпеноска раскажува дека нужно треба да се пронајде компромис кој ќе ги задоволи двете страни и ќе обезбеди квалитетна соработка и заемно почитување.

Нејзината генерална оценка за адвокатурата денеска во Македонија, од аспект на углед, интегритет и доверба кај граѓаните е дека има многу адвокати кои уживаат углед, имаат интегритет и доверба од клиентите, но, за жал, не може да се каже дека генералната перцепција е таква, а тоа дефинитивно треба да се смени.

Собранието ќе го спроведе изборот на претседател и членови на телата на АКМ претстојниот викенд, на петти и шести мај, во струшкиот хотел „Изгрев“. За Џанго, според информациите на „Макфакс“, типува досегашниот претседател Никола Додевски. Освен Трпеноска и Михајловски, се спомнуваат и имињата на Александар Тортевски, Димитар Панчевски и Звонко Давидовиќ.