Нацев: Случајот „Монструм“ е жив пример за морбидната кампања на Заев

Макфакс

19/04/2018

12:19

1.350

Големина на фонт

а а а

Случајот „Монструм“ е жив пример за морбидната кампања на Зоран Заев и поигрувањето со огромни човечки трагедии за сметка на правењето на сопствен маркетинг. Тоа црн пример до каде е спремен да оди само за да се додржи на власт, обвини Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Обвинетите за случајот ‘Монструм’ се на слобода. Исто како што се бараше во платформата потпишана во Тирана. Тие благодарение на поддршката што ја имаат од власта одложуваат судски рочишта тврдејќи дека биле невини, а кој бил виновен не кажува ниту Заев, ниту Фатиме Фетаи која го презеде предметот за масакрот на Велики четврток. Родителите на убиените деца потврдија дека виновниците се оние кои беа претходно осудени“, рече Нацев.

Родителите на убиените, додаде тој, јасно кажаа дека Зоран Заев им покажувал транскрипти од телефонски разговори помеѓу Невзат Бејта тогашен потпретседател на ДУИ и еден од обвинетите Фејзи Азири. „Заев им кажал на родителите на убиените дека петте броеви кои се заведени како државна тајна, а комуницирале со обвинетите од ‘Монструм’ се функционери од ДУИ“, рече Нацев.

Според него, СЈО согласно закон има обврска да го повика Заев во својство на сведок. „Имено според член 217 од Законот за кривична постапка како сведоци се повикуваат сите лица, за кои е веројатно дека ќе можат да дадат известување за кривичното дело, сторителот и за други важни околности“, рече Нацев.

Тој вели дека Зоран Заев треба да престане да ја манипулира јавноста и родителите на убиените и да сноси одговорност за предизвиканите трауми и злоупотребите кои во континуитет нечовечки ги практикува.



Спонзорирани линкови

Маркетинг