Британската влада и формално ѝ даде на премиерката Тереза Меј зелено светло за наредба за воен напад на Сирија.
Со тоа, британската влада ѝ ги одврза рацете на британската премиерка да нареди Велика Британија да им се придружи на Соединетите Американски Држави и Франција во планираните воени напади против Сирија како одговор на наводниот хемиски напад во Источна Гута зад кој што се тврди дека стои режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад.
После седницата која што траела повеќе од два часа, британската влада го поддржала планот на премиерката Тереза Меј да работи со двата сојузници на Велика Британија на „координација на меѓународен одговор“.
Британската влада, сепак, не откри кога би била изведена воената акција против Сирија, ниту пак во каков обем ќе биде западната одмазда, пренесува новинската агенција "AP".
Во соопштението од канцеларијата на премиерката е наведено дека кабинетот „се согласува со потребата да се превземе акција за да се олеснат хуманитарните неволји и режимот на Асад да се одврати од употребата на хемиско оружје“.
Споменатата новинска агенција пренесува дека опозициските пратеници барале за евентуалната воена акција да се гласа во парламентот. Премиерката Тереза Меј нема законска обврска да го направи тоа, иако таквите работи се вообичаени.
Инаку, во текот на вчерашниот ден британски „Дејли Телеграф“ пренесе дека британските воени подморници добиле команда да пристигнат на оддалеченост доволна за ракетен напад на Сирија, а наредбата наводно лично ја издала британската премиерка Тереза Меј.