Братот на новиот папа: Му реков да не го избира Лав

Макфакс

09/05/2025

18:41

1.186

Големина на фонт

а а а

Братот на папата Лав XIV, Џон Превост по изборот на неговиот помлад брат за 267-ми поглавар на Католичката црква во четвртокот вечерта изјави дека тоа е вистински шок за него.

„Беше шокантен момент. Разговарав по телефон со внука ми и не можевме да веруваме. Потоа мобилниот телефон, iPad-от и домашниот телефон полудеа“, го опиша Превост за медиумите за прв пат моментот кога неговиот 69-годишен брат Роберт беше избран за папа.

Лав XIV, тој е најмладиот од трите деца. Неговиот татко бил просветен инспектор, а неговата мајка библиотекарка во јужните предградија на Чикаго.

„Имавме нормално детство. Малку е чудно, но сите тројца знаевме што сакаме да правиме уште од мали нозе“, рече 71-годишниот поранешен директор на католичко училиште.

„Роб знаеше дека ќе биде свештеник од моментот кога можеше да оди“, се сеќава Џон. „Еден сосед еднаш му рекол дека еден ден ќе стане папа. Добро предвидување, нели?“

Братот на папата рече дека разговарале по телефон ноќта пред почетокот на конклавата и разговарале за тоа кое име ќе го избере доколку биде избран за папа.

„Му реков да не го избира Лав, бидејќи ќе биде 13-ти, но очигледно тој направил некои истражувања за тоа“, рече тој, според Index.hr.