За случајот „Титаник“ на специјалното јавно обвинителство, одбраната на експремиерот, Никола Груевски, кој е еден од обвинетите, ќе се состои од тим од шест адвокати. Станува збор за Еленко Миланов, Дончо Наков, Димитар Дангов, Боро Тасевски, Стерјо Зиков и Сања Алексиќ.
Првото рочиште за случајот „Титаник“ се одржува денеска во новата зграда на кривичниот суд. Случајот се однесува на дела поврзани со изборни нерегуларности.
Покрај поранешниот премиер Груевски, во „Титаник“ обвинети се и други поранешни функционери, меѓу кои и поранешниот шеф на кабинет на премиерот, Мартин Протоѓер, поранешниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и ексминистерката на МВР, Гордана Јанкулоска.
Обвинети се и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска. Обвинетите се појавија во судницата на новиот објект на судот.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.