Дарко Петковски - Спејко и Љупка Митрова: По тешките минати искуства, конечно љубов за каква сонувавме

Точка

22/01/2018

16:16

30.345

Големина на фонт

а а а

Нивните фотографии и постови на социјалните мрежи „Инстаграм“ и „Фејсбук“ „зборуваат“ дека она што ги спојува е голема, голема љубов. Онаква за каква отсекогаш сонувале да им се случи. А, токму таму, на социјалните мрежи започнала нивната приказна, која по една година виртуелно дружење се реализирала и во реалноста.

Официјалната врска на победникот на реалното шоу „Големиот Брат“ и музичарот Дарко Спејко и модната блогерка Љупка Митрова трае пет месеци, кои ги живеат како во најубавиот сон.

Ова интервју за Точка е нивното прво заедничко интервју во македонските медиуми, каде откриваат сè за почетоците на врската, заедничките моменти, мајчинството на Љупка, патувањата на релација Струмица (каде живее таа) и Куманово (каде живее Дарко) и размислувањата за иднината...


Во петте часа заедничка фотосесија уживаа и двајцата, надополнувајќи се не само во модниот израз, туку и во мислите и речениците, постојано прегрнати изразувајќи љубов и нежност...

Првиот контакт го остваривте на социјалните мрежи, „местото“ каде сте најфреквентни во последниве години. Кога од виртуелно премина во вистинско познанство? 

Љупка: Јас и Дарко сме една искра од љубов, која започна да гори уште пред да се запознаеме. Тој е сигурно дел од мојот универзум уште пред да го видам за прв пат во реалното шоу „Големиот Брат“ и пред да го запознаам на „Инстаграм“.

Дарко: Да. Љупка прв пат ја видов на „Инстаграм“, а потоа се спријателивме и на „Фејсбук“. Интересно е што минатото лето во ист период и двајцата сме биле на летување на Санторини. Но, дури по една година почнавме да контактираме. Ете, можеби тоа било знак дека треба да бидеме заедно. Десетина дена пред нашиот прв состанок редовно се допишувавме. И тоа со часови.


Може ли да се каже љубов на прв поглед, за која можеби претходно сте мислеле дека постои само во филмовите и книгите? 

Љупка: Верувам во сè што ме прави среќна. Дарко знае како да го направи тоа во секој дел од денот.

Дарко: Јас верувам во љубов на прв поглед. Во неа веруваат само оние кои ја доживеале и кои ја прифаќаат без никакво размислување. Тоа е онаа љубов која се случува неочекувано, а пушта длабоки корени. Верувам и дека сè се случува со причина. Тоа што јас и Љупка уживаме еден во друг е зашто и двајцата претходно сме поминале низ тешки периоди во животот, одделно. Од ден на ден нашата љубов расте. Долго време посакував да ми се случи таква љубов и ете, ми се случи Љупка.

Заедно сте пет месеци. Што се промени во вашите животи во тој период? 

Дарко: Љупка е најпрекрасното нешто што ми се случи во животот. И во изминативе месеци благодарение на неа сум друг човек. Секако, во позитивна смисла на зборот. Многу добро се познаваме и така се штитиме еден со друг. Знаеме дека постојат неколку важни принципи на кои се заснова успешната врска, па така столбови на нашата се: довербата, добрата комуникација, почитта и компромисот, пропратени со многу љубов.


Како го минувате времето кога сте заедно, со оглед на тоа дека живеете во различни градови и сте постојано на релација Струмица-Куманово-Скопје?  

Љупка: Јас и Дарко уживаме еден во друг. Со него можам да „потонам“ во уживањето многу длабоко – некогаш тоа го споредувам со пиење голтка вода при голема жед. И мирисот на кафе знае да ни биде уживање кога сме заедно.

Дарко: Излегуваме често. Тоа го знаат и нашите следбеници на „Инстаграм“ профилите, зашто редовно објавуваме заеднички видеа и фотографии. Често сме во рестораните или пак се возиме низ градот со автомобилот. Или пак гледаме некој интересен филм. Многу се смееме, водиме разговори на табу теми, а некогаш го коментираме и она што другите го напишале за нас. Често се фотографираме заедно и така овековечивме прекрасни моменти. Таа ми е приоритет и без разлика на околностите, самото нејзино постоење и тоа што е тука покрај мене, ме прави најсреќниот човек на светот.

Како би се опишале меѓу себе со сите маани и доблести? 

Љупка: Неговите доблести се тиe што знаат да ме насмеат, а неговите маани ме „држат“ уште поблиску до него. Го сакам таков каков што е.

Дарко: Не можам да кажам дали мааните ѝ се предности или предностите ѝ се маани зашто мене ми е совршена. Сè што поседува таа телесно и карактерно ме привлекува. 

Дали Љупка можеби ќе биде дел од видео спот за некоја твоја песна во иднина? 

Дарко: Во моментов не сум активен на тоа поле. Но, пишувам песни. Таа ми е секако инспирација. Всушност Љупка ме инспирира за сè. Кога ќе ѝ се вратам повторно на музиката, таа ќе биде дел од секој мој музички проект.


Имате ли ист вкус за музика и што слушате?  

Љупка: Кога сум со Дарко знам да уживам и во песна, која не би ни помислила да ја пуштам... Следниот ден кога сум сама, повторно ја слушам за да ме потсети на моментот кога сум била до него.

Дарко: Сакам, како што би рекле соседите од северот "све што ме ради". Сè што ме возбудува или релаксира. Слушам секаков тип на музика во зависност од расположението. Полека и Љупка ги учи моите омилени песни.

А, за храна? 

Љупка: И двајцата сме гурмани, јадеме скоро сè и секогаш на мени имаме некоја нова и „луда“комбинација. Во ист момент можеме да јадеме скара, да пиеме вино, да мезиме грчка салата и некое парче торта.

Дарко: Пред да ја запознам Љупка особено внимавав на храната. Сега тоа тешко ми оди, зашто таа се труди на секој начин да ми стави некое кило повеќе.


Модата ви е елементот што уште повеќе ве спојува... Кој кого повеќе советува во однос на тоа што да облече и за која прилика? 

Љупка: И двајцата сакаме да изгледаме убаво, па се советуваме и надополнуваме секогаш. Но, можеме и без договор да се усогласиме. Имаме многу сличен вкус кога станува збор за мода, и двајцата сакаме да бидеме забележани. Сакаме да експериментираме и верувам дека тоа е едно од нештата што не спои.

Дарко: За мене модата е начин да се претставам себеси без да кажам ниту еден збор. Начинот на кој ја комбинираме гардеробата зборува многу за нас. Имам долгогодишна соработка со најдобрите брендови за спортска и "custom-made" елегантна гардероба, па така за секоја пригода сум „скоцкан“ од глава до пети. И Љупка има влијание на изборот на гардеробата некогаш и знае да ми каже: „Соблечи сакото, елекот... или раскопчај кошулата... Овие чорапи, овие чевли“.

Љупка е особено храбра во модниот израз, која има над 100.000 следбеници на „Инстаграм“. Ве вознемируваат ли нејзините секси и провокативни фотографии или се гордеете што таа е Ваша љубов? 

Дарко: Љупка е жена која се издвојува од шаблонот и за тоа треба храброст. Не би ја отварал таа тема за тоа кои се нештата што ги ограничуваат денешните девојки и жени за да бидат како неа. Единствена е која има над 100.000 следбеници, а тоа се должи на квалитетот на нејзините постови. Тоа се професионални фотографии и видеа во кои таа многу вложува поради што се гордеам со неа. Љупка е свесна што треба да сподели на социјалните мрежи, за да не ја наруши нашата врска, а јас ја знам целта на постовите. Кон мене е коректна и тоа е доволно. Ѝ верувам целосно. Никогаш до сега ми нема дадено причина или повод за да бидам вознемирен поради некоја фотографија. Со тоа покажува колку ме почитува и вреднува како маж до неа.


Како и двајцата се справувате со моментот на љубомора? 

Љупка: Љубомората знае да биде сладок зачин, ако е во умерени количини. Јас и Дарко имаме слични видувања и очекувања еден од друг. Добро се познаваме, ни се поклопуваат карактерните особини, па дури и по астрологијата. И двајцата сме родени во знакот на Овен. А Овните покажуваат љубомора (се смее).

Дарко: Присуство на мала доза на љубомора има позитивен ефект во врската и не поттикнува да се почитуваме. Некогаш во голема доза и ја „вжештува“ атмосферата. Имам толеранција и можам да се воздржам за да не покажам љубомора. Или ако веќе ја изразам, тогаш е во мала доза. Љубомората се појавува само ако партнерот даде причина за тоа. Љупка има одлична контрола на нештата и така ме штити.

Што е најубавото нешто што досега сте си го направиле еден за друг?

Љупка: Тоа што сме еден покрај друг и што сме заедно. Знаеме да реализираме одредена ситуација, без да се договараме. Знаеме што ни недостасува во даден момент.

Дарко: Доволно е што си веруваме, што се почитуваме, што сме лојални еден на друг, што се штитиме и пред сè што секојдневно ја обновуваме нашата љубов.

А, најубавиот подарок што сте си го подариле? 

Љупка: Љубовта што си ја даваме еден на друг.

Дарко: За мене Љупкa е најдобриот подарок што сум го добил. Подобар нема ни да добијам. Таа е најдоброто нешто што ми се има случено годинава и сум пресреќен што ја имам до мене. Ете само пет месеци сме заедно и секој ден таа ми подарува безусловна љубов и внимание.


Каде досега сте патувале заедно и какви се доживувањата?

Љупка: Со Дарко доживување е и патот извозен од Струмица до Куманово или обратно. Сè само за да може погледите да ни' се смират и останат еден во друг.

Дарко: Па последното наше патување беше во Црна Гора на прослава каде бевме и двајцата поканети. Уште на старт знаевме дека патувањето ќе биде возбудливо. Јас си го заборавив костумот дома па се враќавме назад. И ден денес многу се смееме на тоа. Двајцата сакаме да патуваме, па можно е да нè видите повторно на островот на љубовта Санторини, овојпат заедно.

Имате ли прекар по кој нагалено си се викате еден со друг?

Дарко: (се смее) Тоа ќе го чуваме само за нас.

Колку и како се променија вашите животи и размислувања откако сте заедно? 

Дарко: Иако јас живеам во Куманово, а таа во Струмица секогаш наоѓаме време да бидеме заедно. Нашите пријатели имаат разбирање зашто помалку нè гледаат. Заедно излегуваме, заедно почнавме да патуваме... Секој слободен момент го користиме да бидеме заедно.

Какви се вашите мечти во однос на професијата во иднина? Што би сакале да остварите? 

Дарко: Љупка има безброј мечти, незапирлива е и сака предизвици... Но, најголемата мечта и е секогаш да ужива во едно нормално, хармонично секојдневие, полно со љубов, здравје и насмевки. Реализирана е како мајка и тоа на 20 годишна возраст. Има две прекрасни ќерки и поголем успех од тоа не постои.


Размислувавте ли за брак?  

Љупка: Кога ќе погледнам околу себе чувствувам задоволсто и затоа имам насмевка на лицето. Па, што би правела една жена ако нема добра креација за нејзината венчаница?!

Дарко: Со Љупка имам сè што ми е потребно за да бидам среќен. Одлуката за брак значи збогување со живот кој гравитира околу нашите желби, потреби и цели и ракување со живот кој бара жртвување компромиси и безусловна доживотна љубов. Едвај го чекам тој ден.

Дарко што се случува сега на полето на музиката? Дали работите на нешто ново?

Пишувам текстови, но нивната реализација сега не ми е приоритет. Периодов сакам да се посветам на довршување на факултетот и да се запишам на втор циклус студии. Во меѓувреме заедно со Љупка се фотографираме, па ако порано се посветував на музиката, сега се посветувам на фотосесиите

Дарко, со што Ве освои Љупка?

Љупка има прекрасни телесни атрибути и карактерни особини, а јас сум маж кој „паѓа“ и на двете. Не може едно без друго. Се заљубив во нејзината насмевка и поглед. Таа е весела и отворена. Духовита е, женствена, креативна, паметна, амбициозна... исто како мене

Љупка, а Вас Дарко?

Ме привлече неговиот изглед, но ме освои оној Дарко што само Љупка го има и тој го носи во себе


Сè околу нас е љубов и само љубов

Присуство на мала доза љубомора има позитивен ефект во врската и нè поттикнува да се почитуваме. Некогаш во голема доза и ја „вжештува“ атмосферата


Сè што поседува Љупка, и телесно и карактерно ме привлекува

Го сакам Дарко таков каков што е

Пишува: Гордана Настевска-Манасијеска
Фото: Бојан Стоилковски
Шминка: Фросина Ангеловска - ФРАН
Локација: Хотел „Александар Палас“ и хотел „Парк“
Стајлинг за Дарко: „Segnori“ 



Спонзорирани линкови

Маркетинг