Големо враќање на „небесниот ѕвер“ на Русите: Го нарекуваат „Бел лебед“, а Американците „Блекџек“

Точка

17/11/2017

15:31

5.796

Големина на фонт

а а а

Новоизградениот Тупољев Ту-160М2, тежок стратешки бомбардер од долг домет, прв после 1992-ра година, е извлечен од хангарот, додека во меѓувреме Русија продолжува со производството на уште неколку вакви авиони кои што НАТО ги нарекува „Блекџек“.

Новиот Ту-160 кој што Русите го нарекуваат „Бел лебед“ беше претставен во текот на вчерашниот ден во фабрика во Казан. Авионот бил изграден со помош на делови кои што биле развиени уште во советско време, а во меѓувреме била донесена одлука фабриката во Казан да продолжи со сериското производство на Ту-160.

Бомбардерот сега ќе биде испратен на тестирање пред да полета во февруари 2018-та година. Сериското производство на Ту-160 е сопрено во 1992-ра година, но сега ќе продолжи затоа што авионот одговарал на неколку критериуми, потврдил генерал-мајорот Сергеј Кобијаш, шеф на руската авијација.


Од руската армија најавија продолжување на производството на Ту-160 во модернизирана верзија Ту-160М2 уште во 2015-та година. Со сериското производство веројатно ќе се започне во 2020-та година, а се планира да бидат произведени вкупно 50 авиони.

Модернизираната верзија ќе донесе нови подобрени мотори и секако целата аналогна опрема ќе биде заменета со најмодерна, дигитална опрема.

„Сите авиони Ту-160 кои што моментално се во служба на руските воздухопловни сили се целосно модернизирани. Земајќи ја во предвид брзината на репродукцијата и нивото на модерната технологија, претпоставувам дека тоа ќе се случи во следните неколку години“, изјави Кобијаш.

„Блекџек“ е еден од најголемите авиони на светот со максимална тежина за полетување од 275 тони. Може да покрие растојание од 12 илјади километри без полнење на гориво, а рекордната оддалеченост која што ја прелетал изнесувала 18 илјади километри - авионот бил во воздух цели 24 часа.