Втор ден од посетата на Димитров и Османи во Брисел

Макфакс

14/11/2017

13:49

387

Големина на фонт

а а а

Јоханес Хан, Федерика Могерини, Борис Џонсон и Никос Коѕијас се дел од политичките лидери со кои министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средби за време на вториот ден од неговиот престој во Брисел, заедно со претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, информираат од Министерството за надворешни работи.

Оттаму соопштуваат дека фокусот на разговорите бил ставен врз потребата од интензивирање на реформскиот процес и негово преточување во конкретни резултати. Притоа била реафирмирана поддршката на тековните реформски процеси и градењето мостови на добрососедство, како силни аргументи за добивање безусловна препорака како клучен предуслов за почнување преговори со Унијата, наредната пролет.

„Ако веќе се натпреваруваат, земјите во регионот треба да се натпреваруваат во реформи и резултати. Позитивен натпревар за напредни општества со европска иднина. Во стратегијата на претседателот на ЕК, Јункер, треба да има место за сите. Пресвртот во Република Македонија е најдобрата приказна од регионот за 2017 година. Во комбинација со охрабрувачкиот регионален наратив и поддршката од ЕУ можеме да направиме разлика и вистински исчекор во 2018 год. Сепак, на тој пат клучни ќе бидат резултатите од реформите“ – истакнал Димитров

Министерот остварил средба и со заменик-генералниот директор на Генералниот директорат за внатрешни работи, Сајмон Мордју. На состанокот биле разменети мислења за унапредување на соработката со Фронтекс за антиципирање и подобро справување со предизвиците на нелегалната миграција. Притоа била подвлечена и важната улога на Република Македонија како партнер на ЕУ во соочувањето со овој глобален феномен и неговите безбедносни и хуманитарни импликации.

Димитров остварил средба и со министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантос Силва. На средбата била изразена поддршка на реформскиот процес за исполнување на критериумите за членство во Унијата.

Разговорот со министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон, бил искористен за презентација на аргументите зошто Република Македонија треба да стане 30. земја-членка на НАТО, информираат од МНР. Димитров се заблагодарил за охрабрувачката поддршка во светло на неодамна потпишаната Декларација за партнерство и соработка.

Димитров остварил средба и со Коѕијас. На средбата со министерот за надворешни работи на Грција станало збор за натамошно унапредување на мерките за доверба и унапредување на прекуграничната соработка, но и за процесот за надминување на прашањето за името. Од МНР, во врска со оваа средба, информираат дека министрите размениле мислења како претстојниот период најдобро да се искористи за постигнување напредок во процесот под покровителство на ОН, кој се очекува да биде обновен во најскоро време. Соговорниците изразиле заложби за водење отворен, конструктивен дијалог во добра верба, низ кој меѓусебната доверба ќе расте и во иднина.